Повеќе од 90 лица се уапсени во Србија во серија полициски акции спроведени во изминатите две недели, по парламентарните избори на 25 октомври. Меѓу приведените има високи полициски функционери, банкари, претставници на покраинската и локалната администрација, како и директори на јавни претпријатија.
Апсењата доаѓаат по изборната победа на студентското движење „Студентска листа – Студентите победуваат“, кое произлезе од двегодишните антивладини протести, започнати по трагедијата во Нови Сад. На 1 ноември 2024 година, при уривање на настрешница на реновирана железничка станица, загинаа 16 лица.
На предвремените парламентарни избори, по 14 години на власт, загуби Српската напредна партија (СНС), чија листа ја предводеше тогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ.
Меѓу досега уапсените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секулиќ, командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ, како и уште 17 полициски службеници. Аналитичарите оценуваат дека овие случаи укажуваат на судири меѓу најмалку две струи во полициските структури.
Во рамки на истрагите е уапсен и Давор Мацура, сопственик на банката „Алта“, заедно со двајца негови соработници. Тие се осомничени дека од трезорот на банката изнеле околу 380 милиони евра. Во меѓувреме, во банката е отворена стечајна постапка.
Под сомнение за злоупотреби се уапсени и покраинскиот секретар за социјална политика, Предраг Вулетиќ, и негова соработничка, директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, управникот на Казнено-поправниот завод „Забела“, Родољуб Рончевиќ, како и претседателот на општина Инѓија, Марко Гашиќ, со негови соработници. Приведена е и група директори во Нови Сад, а под притисок на јавноста следувале и оставки на локално ниво.
Правните експерти оценуваат дека до неодамна, за време на владеењето на СНС, било речиси незамисливо полицијата и правосудните институции да постапуваат по службена должност по пријави што, според нив, со години останувале нерешени. Според нив, актуелните апсења се показател дека деполитизацијата станува видлива во институциите.
Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, посочува дека судовите и обвинителствата и претходно ги имале истите законски овластувања, но дека клучното прашање било дали предметите ќе се процесираат или ќе бидат оставени „во фиока“.
– Во самите институции, струјата што беше настрана сега ја користи можноста да дојде до израз – изјави Илиќ за Радио-телевизија Србија.
Тој нагласува дека уапсените и приведените се поврзани со доскорешната владејачка гарнитура, која, според неговата оценка, ја ставила под своја контрола правосудната власт. Поради тоа, јавноста повеќе од една деценија, со ретки исклучоци, немала можност да види како обвинителствата и судовите непристрасно ја извршуваат својата работа.
Илиќ смета дека е неспорно оти дел од припадниците на полицијата и обвинителството со последните акции сакаат да ѝ се додворат на новата власт, но додава дека треба да се постави и прашањето зошто не постапувале порано.
Паралелно со апсењата, Вишото јавно обвинителство во Белград се откажа од кривичното гонење на деветтемина студенти уапсени по големиот антивладин протест кон крајот на јуни 2025 година. Тие беа обвинети за подготовка на уривање на уставниот поредок и загрозување на безбедноста на Србија.
Нивниот адвокат, Александар Радојичиќ, изјави дека сега е време да се отвори прашањето за одговорноста и да се утврди кој, како и зошто ги следел студентите од јануари 2025 година.
Формирањето на новата власт треба да започне на 17 ноември, со конститутивната седница на Собранието на Србија. Потоа ќе почне да тече рокот од 90 дена во кој пратениците треба да изберат нова влада.
Паралелно со формирањето на парламентот и владата, тече и рокот за избор на претседател на државата. По оставката на Вучиќ на 27 септември, претседателските избори треба да се одржат најдоцна до 28 декември.


































