Осумдесет години од првото доаѓање на Тито во Македонија
Поминаа 80 години од првото доаѓање на маршалот Јосип Броз Тито во Република Македонија. Нова, независна држава на Балканот со вековно име, создадена на дел од својата географска територија. Тито, водач на Народноослободителната и социјална борба на југословенските народи, легендарен лидер на Комунистичката партија и на партизанските војски. Цели четири години за време на Втората светска војна, Македонците го слушаа неговото име, но не беа го виделе неговиот лик. За Сталин се знаеше многу повеќе, за Тито помалку. Во слава на Сталин се пееле песни, за Тито се шепотело.
Историјата вели дека непобитни се три факти.
Првите Македонци што го виделе Тито во живо се Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, членови на македонската делегација што престојувала на островот Вис, на Јадранско Море. Се случило тоа на 24 јуни 1944 година кога на далечниот остров, крај морската шир, се разговарало за одржување на Првото заседание на АСНОМ и за можностите за обединување на цела географска и етничка Македонија.
Сликата објавена во првиот број на весникот „Нова Македонија“ на 29 октомври 1944 година е првата официјално објавена фотографија на Јосип Броз Тито во Република Македонија. Тоа е вториот неизбришлив историски факт по што и самиот весник цели осумдесет години ја испишува секојдневно македонската историја, стара и нова, тогашна и сегашна.
Со мајките на загинатите херои
Пред народот македонски Тито за првпат се појавува на празникот 11 Октомври 1945 година на митинг во Скопје, со кој се одбележува годишнината на Денот на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, денот кога пукнаа првите пушки во Прилеп и Куманово. Ден за слава на победата, ден за чест и почит на слободата, ден за спомени за вчера и за планови за утре. Локација на улица и плоштадот што веќе го носи неговото име, блиску до Камени мост, сведоци на вековни историски настани. Народот не се среќава со човек, туку со легенда.
Броз пристигнал во Скопје, главниот град на Република Македонија, со воз попладнето на 10 октомври. Него го пречекала официјална делегација на чело со Лазар Колишевски. Освен другарот Лазо, биле присутни и другите највисоки другари. Поздравна, кратка реч држел Методија Андонов-Ченто. Еве извадок што рекол, обраќајќи му се на Тито: „Вие сте оној човек кој го поведе македонскиот народ по патот на слободата. Специјално за нас Македонците вие сте најскапиот ценет гост затоа што ние првпат добивме слобода и што доаѓате на ден 11 Октомври, ден кога македонскиот народ дигна оружје да се бори против фашизмот“.
Вечерта на 10 октомври била одржана свечена академија во Народниот театар со соодветна програма и настап на македонски театарски и музички уметници. На таа академија Тито им ги доделил ордените за народни херои на мајките на загинатите: Орце Николов, Кузман Јосифовски-Питу, Мирче Ацев, Христијан Тодоровски-Карпош, Цветан Димов, како и на бабата на Страшо Пинџур. Држи и пригоден говор. Тогашните новински известувачи го опишаа настанот како многу емотивен и трогателен, исполнет со сеќавања и солзи. Биле испратени поздрави до генералисимус Сталин и до Црвената армија, се разбира.
Тито на бината на скопскиот плоштад
Возбудените хроничари и растреперените административци во своите нотеси забележале дека пред скопјани и пред 60-илјадната публика, дојдена од сите градови на слободна Македонија, Тито се појавил утрото во 9.15 часот. На бината со него биле и другарите Александар Ранковиќ, Милован Ѓилас, Темпо (Светозар Вукмановиќ), Димитар Влахов, другарот Лазо, Бане Андреев, Михајло Апостолски, Ченто, претставници на Македонците од Пиринска Македонија и други видни личности. Јосип Броз бил во зрела возраст, имал 53 години.
Пред Тито да говори се одржала едночасовна парада во која дефилирале дотогашни борци – партизани, цивили од културата, работничка класа, војници, еснафи, селани, пионери, студенти, фискултурци. Машки и женски, се разбира. Пред него говореа Димитар Влахов, потпретседател на Сојузната скупштина, Синиша Станковиќ од името на српскиот народ, Темпо, Ѓилас и полковник Парамокин од името на Советската воена мисија. Вреди да се каже дека Синиша Станковиќ, тогаш претседател на Српската скупштина, е научник биолог од светски глас. Неговите најважни дела се произлезени од повеќегодишното проучување на животот во Охридско Езеро.
Македонците сами одлучуваат за својата судбина
По долго чекање, насобраниот народ конечно го чу гласот на Тито, одличен говорник, способен да манипулира со зборовите и да ги придобива масите. Пренесуваме делови од она што го говореше во Скопје на 11 октомври 1945 година:
„Почитувани браќа, другари и другарки! Ви честитам и среќен сум што сум меѓу вас денеска, кога го славите својот празник на народното востание. Многумина што го оспоруваат правото на Македонија да одлучува за својата судбина треба да го видат духот што денес е присутен на скопските улици, а сигурен сум дека таков дух е присутен и во секое македонско село, низ цела Македонија. Македонскиот народ со оваа голема ослободителна борба го спечали правото на ова што го има денес, а тоа се своја слобода и рамноправност. Македонскиот народ правилно го избра историскиот момент кога се работеше дали народите на Југославија воопшто ќе постојат или нема да постојат. Македонците го разбраа моментот и заедно со преостанатите народи на Југославија тргнаа во борбата кога ги повика Комунистичката партија. Македонскиот народ докажа дека е клевета сето она што се зборуваше пред војната: дека Македонците не сакаат да бидат во заедница со преостанатите во Југославија. Во оваа војна со својата крв и своите жртви докажа дека сака да живее во оваа заедница, како нејзин рамноправен член. Пос долги и долги децении, Македонија за првпат слободно здивна и ги има сите можности за свој национален, културен и економски развиток“.
Непријателски меморандуми од Бугарија
Говорејќи за односите со соседите, Тито допре и едно од прашањата што се однесуваа на Бугарија. Вреди тој дел да се цитира зашто, на еден или друг начин, ги допира и денешните односи.
Во врска со тоа, Тито рече: „Имаме факт дека во нашата братска земја Бугарија се појавуваат елементи што зборуваат дека Македонците не се слободни. Се нашле некои поборници на велика Македонија, кои си го присвоиле правото да зборуваат во ваше име, како вие да немате право да зборувате. Ваше право е да кажете, тоа право го извојувавте со својата крв и жртви. Има таму во Бугарија сега луѓе што составуваат меморандуми и им ги праќаат на големите сојузници барајќи божем Македонија да се обедини и да се обединат Пиринска и Егејска Македонија. Но под чие покровителство? Под покровителство на туѓи сили. Како да не сме зрели, како да не сме полнолетни. Како полнолетен народ ние ќе си го извојуваме правото Македонија да биде обединета.
Сите тие меморандуми и сите тие акции, сето тоа е маска. Тоа се махинации на оние сили што секогаш гледале преку раздор на народите на Балканот да осигурат свое влијание на овој простор, да биде како што беше во минатото кога Македонија служеше како камен за превирања меѓу братските народи на Балканот. Сега овде тие нашле да зборуваат како Македонците не се слободни.
Истите тие луѓе беа овде три и пол години. И што направија? Направија искасапени тела на народните македонски синови, ограбени и запалени домови. Тие исти елементи во Бугарија сакаат да го посеат семето на раздорот меѓу братскиот бугарски народ и народите на Југославија“.
Тито во Македонија бил 16 пати
Сигурно дека нема потреба да се каже дека во текот на целиот говор Тито беше прекинуван со долги аплаузи и скандирања меѓу кои беа „Тито – партија“, „Македонија слободна“, „Да живее КПЈ“, „Братство – единство“. Голем дел од присутните вееја македонски комунистички знамиња, држеа социјалистички работнички пароли, пуштаа понекоја солза радосница и се приклучуваа кон масовните извици на поддршка за слободна Македонија.
По завршувањето на митингот, Тито имаше ручек со македонското раководство, каде што му беа претставувани тогашните водечки македонски другари. Попладнето ја посети електричната централа на Матка. Како што дојде со воз, така со воз и замина за Белград, свечено поздравен од кругот на македонски воени и политички истомисленици, поддржувачи и нови пријатели.
Јосип Броз Тито како претседател на Југославија и врховен командант на војската, во временски рок од 35 години, ја посети Македонија 16 пати. Не беше само во Скопје, посетуваше градови, работни колективи, земјоделски стопанства. При секое доаѓање во земјава беше пречекуван со највисоки државни почести и илјадници луѓе низ улиците. Последната посета се одвиваше во два октомвриски сончеви дена (5 и 6 октомври 1978 година) кога присуствуваше на отворање на езерото Треска кај Скопје, сега запустено. Веќе беше изнемоштен, тешко се движеше. Шеќерната болест не можеше да се излекува. Почина во болница во Љубљана, во мај 1980 година, по долго и тешко лекување. Живееше 88 години.