Илустрација / Фото: Маја Јаневска -Илиева

Собранието на последната седница го усвои Законот за енергетска ефикасност, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС). Со оваа одлука, земјата добива уште една силна законска рамка, усогласена со европските стандарди, која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање на нови зелени работни места, информираат од Министерството за енергетика.

-Законот обезбедува суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Со неговото спроведување ќе се создаде стабилен систем кој ќе ја приближи земјата до европските климатски цели и до концептот на зелена транзиција – посочуваат од Министерството за енергетика.

Како што истакнуваат, клучни новини од Законот се: воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“; долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради во енергетски ефикасни објекти; тројно зголемена заштеда во јавниот сектор – задолжителна реконструкција на најмалку три проценти од јавните згради годишно; задолжителни соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции; финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии; високи стандарди во јавните набавки, дигитална транспарентност и професионализација на енергетските контроли; и вклучување на сертификатите за енергетски карактеристики во Катастарот на недвижности и поттик за меѓуопштинска соработка.

-Со усвојувањето на овој закон се воспоставува правна, економска и социјална рамка што ги намалува трошоците за граѓаните и бизнисите, ја забрзува интеграцијата на обновливите извори и овозможува креирање на одржлив енергетски систем – порачуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и додаваат дека остануваат посветени на целосната реализација на реформите во енергетскиот сектор и на усогласување со европското законодавство.