„И во сонот си чудесно сјајна. / Не ќе ја допрам ризата твоја. / Сонувам, а за сонот – тајна. / Во неа пловиш, Русијо сјајна.“ Ова е првата строфа од песната „Русија“ на едно од најзвучните имиња на руската поезија Александар Блок, со чии стихови и ќе ја завршиме нашата денешна колумна, драг читателу, за сè уште европскиот анимозитет и страв од Големата Матушка. Европа која никогаш не погледнала во и никогаш не ја сфатила тајната на Русија, за што неколкупати и платила скапа цена за тоа, а ако не легне во својот картезијански ум на што ја потсети Декарт, и сега ќе ја плати. А со руската тајна, покрај Блок, се занимава уште еден голем руски поет, кој неоправдано стои во сенката на Пушкин и Лермонтов, маркантен претставник на романтизмот, Фјодор Иванович Тјутчев, извонредна духовна личност. Тој важи за најметафизички руски поет, чија лирика е проткаена со изразита филозофска рефлексија. Во Царска Русија бил амбасадор во Германија, каде што се среќавал со Гете и другарувал со Шелинг, корифејот на германската идеалистичка филозофија. Неверојатен поет. Јас го имам преведено во еден обемен избор од три илјади стиха во едицијата „Антологија на светската книжевност“ на владата на Никола Груевски. Шифрирано, Тјутчев во само неколку стиха најубаво ги има дефинирано рускиот карактер и тајна кога вели: „Со умот Русија не може да се сфати, / со аршин општ не се измерува! / Посебен карактер таа има ‒ / Во Русија може само да се верува.“
Така. Ама безбожна Европа во ништо не верува денес, освен сè уште во колонијализмот и златното теле на капиталот, а камоли во омразената Русија. Таа сè уште цица од сиромаштијата на Африка, која се буди, а тука е и нејзиниот софистициран, ама перверзно, полуколонијалистички однос кон Западен Балкан (идиотски термин скован од неа и за нејзини потреби), во кој како најпонижени и маркирани за идентитетски отстрел сме и ние Македонците. Тоа – да. Туку мене ме јаде јанѕата, драг читателу, што во антирускиот западен хистеричен хор сме несреќно вглобени и ние. И тоа сега, кога и Америка и Трамп ги шират рацете за прегратка со Русија, шокантно за сите нас и посебно за слабокрвната и целосно изгубена нарцистичка Европа. А нам ни треба Русија за пријател, бидејќи од ист извор на генезата пиеме и сме родствени браќа, како што сме тоа и со Украина и сите други словенски народи, кои впрочем ја добија писменоста, основниот културолошки зрак, имено, од Македонија и Македонците. Па, и професорот на универзитетот „Колумбија“ во Америка Џефри Сакс неодамна ѝ се обрати на ариевска Европа (која тука не е далеку од ариевскиот концепт на Хитлерова Германија) со порака да биде пријател со Русија заради нејзин секаков просперитет и безбедност. Притоа тој нејзе ѝ кажа дека Русија нема никаква намера да ја нападне неа и уште нешто многу важно, кое таа, и покрај историското искуство, не го сфаќа. А тоа е дека Русија е непобедлива. А во тој контекст најмалку мисли таа да ја нападне Македонија како што мислат кај нас некои патолошки умови што се крмеа долго на јаслите на Сорос и УСАИД како арамолепци и штетници, воспитувани на русоомраза, плус и на омраза кон сопствениот народ, работејќи на негово преименување и идентитетска ликвидација како изроди од родот. Да. Па, сега ако сме исправно коспонзори во ОН на американската декларација за Украина, треба да се ослободиме од кокошкиното европско слепило и да ја следиме Трамповата визија за мир во Украина, но без анимозитет и пизма кон Русија, како што е тоа карактеристично за болната европска психа, сега со синдромот нарцис без лице, туку со пријателски приод кон неа, подразбирајќи го, се разбира, тука и пријателството со Украина, наш еднакво близок народ како рускиот. Па, охрабрени сме тука, драг читателу, и од Американците, па ајде конечно да ја напуштиме засекогаш архетипската глупава русофобија, на која и ние политички и секаков друг вид на ситни профитери бевме навлечени. Особено за време на монструозното владеење со Македонија на Социјалдемократскиот (ни социјален ни демократски) сојуз на Заев и (дез)интегративците на Али. Тоа беше период на демолирање на македонскиот државен суверенитет и идентитет. Проект диктиран од Западот што беше целосно успешно спроведен со Преспа 2018. Во него беше вклучен и проектот на русофобија кај Македонците, кој, за жал, успеа кај македонската подопашна политика, но не и кај македонскиот народ, кој според вроден инстинкт на генезата, а и според својата космополитска психа има вродена љубов кон Русите и сите словенски народи, но и кон народите на целата планета Земја. Треба ли тука, пак, да потсетиме, драг читателу, во таа смисла на космополитскиот македонски концепт на беломугриот Рацин. „Куќа – цел свет“. Тоа, пак, е всушност и концептот на Александар и Античките Македонци, кои и денес ја чуваат во својата психа космополитската слика на светот.
Доволно за, посебно, европски анимозитет и отворена омраза кон Русија. Но по ова сега е потребно да фрлиме, драг читателу, отворен поглед на односот на Русија кон Европа. А тука има изненадување, особено за европолтроните и неупатените во таа цивилизациска тема. За нив шокантно ќе соопштиме дека Русија, особено од Петар Велики наваму, копнеела за братска цивилизациска прегратка со Европа. И денес, со од Европа патолошки омразениот Путин. Европа која отсекогаш, за жал (а и за несреќа по неа), ја сметала Русија за туѓо тело, за „диво месо“, и ја туркала подалеку од неа кон Азија. Тука, фројдовски излезена од темните подруми на потсвеста, е европската катастрофична теза: Варвари од Исток, а сè со провидна цел да го скријат со тоа (!) западното цивилизациско варварство на темпларите, крстоносците, инквизицијата, конквистадорите, фашистите и сето друго европско антицивилизациско ѓубриште. Сè до денешните европски политбирократи во Брисел, кои, рака на срце, по ништо не се разликуваат од нив, а примерот со македонскиот идентитетски геноцид го потврдува тоа.
Туку да се вратиме на Русија на Петар Велики, владетел со длабока цивилизациска визија и свест, кому тешко дека ќе му се најде друг владетел во Европа на вагата на цивилизацијата. Дали тој воопшто и има рамнотежен тег на неа. Можеби е тоа Карло Велики, креатор на Светото Римско Царство како германско. Да. Но мене сепак тука, според карактерот, а и до величието на Петар Велики, поблизок ми е Кемал Ататурк. Растен и воспитан во Македонија и во македонскиот космополитски дух, железно цврст и визионер од ранг е најблизок до рускиот владетелски гениј. А тука се работи, без суета, за македонски производ. А можеби не е за запоставување ни фактот дека Петар Велики во својот кабинет, покрај другото, ја имал на ѕидот и картата на Античка Македонија на Александар Македонски. И тоа се, драг читателу, шифри што не се безначајни.
Она што е важно, тоа е копнежот на Петар Велики, а со него и на Русија за Европа. Во таа смисла тој за да се поврзе со неа и по морски трговски, но и културолошки пат, кој секогаш го имал на ум, и го изградил Петроград на Балтичко Море, со што, како што вели и Пушкин, рускиот Петар Велики во литературата, „отворил прозорец кон Европа“. А пред да го согради својот велелепен град, еден од најубавите во светот, тој се запатил во ренесансна Европа, пред сè во Холандија и Англија, одблиску да се запознае со нивната култура. Со себе го повел и знаменитиот архитект на Петроград, Растрели, со неговата тајфа, за да ги пренесе европскиот класицизам и барок во идната руска престолнина. Патем, во Холандија тој се задржал подолго време со своите луѓе за да го изучи темелно бродоградскиот занает и да создаде силна руска поморска флота. За тоа време Петар Велики како владетел со ренесансен просветителски дух се обидува да доведе во Русија и некои европски луѓе од науката. Така подоцна го довел во Петроград на Универзитетот еден од најдобрите европски математичари Ојлер од Швајцарија. А бил за таа цел и кај тогаш најславната европска личност во научниот свет Исак Њутн, кого сакал исто така да го доведе во Русија. Е, тоа се вика владетел реформатор во европски стил и визионер. Владетел за восхит. Па, не случајно во таа смисла, одушевен од неговиот лик и дело, и Волтер напишал неколку тома за него и за неговата Русија.
Петар Велики ѝ ја внушил на Русија љубовта кон Европа и нејзината цивилизација и култура. И таа љубов и руски копнеж за амалгамизација со неа продолжиле и по него. Но тоа изгледа останало еднострана љубов. Европа, за жал, не одговорила на неа и секогаш со ароганција и потценување се однесувала кон Русија. Тоа трае до денес, до бриселска нарцистичка и ариевска Европа. Тука, пак, нас во тој контекст на темата, драг читателу, сега нè интересира односот на руските литерарни гении кон неа. Нивните симпатии кон неа се амбивалентни и се движат меѓу да и не. Така, на пример, додека Тургењев ја обожава неа и е чест гостин во Париз и кај неговата француска љубовница, балерината Полина Вијардо, запознавајќи ги Французите со руската литература, Толстој и Есенин, поклоници на архаичниот и митски руски дух, воопшто не се одушевени од Западот. И двајцата прошетале до него и останале рамнодушни кон него. Толстој посебно отворено ја критикувал моралната атрофија на Европа, која нему му личела на библискиот Содом. Веројатно тоа било и причината тој да не ја добие првата Нобелова награда 1905 година иако бил главен фаворит за неа. Од Нобеловиот комитет, наместо оцена на неговото дело, тој бил исполитизиран и оценет како „словенофилски анархист“. Наградата, се разбира, ја добива Европеец, францускиот парнасовски поет Сили Придом, кого денес и Французите го заборавиле, па нема да го најдете ни во една нивна престижна поетска антологија.
Така. А тука е и неизбежниот Достоевски, кој е некој вид литерарен Петар Велики и според љубовта и копнежот кон Европа. Но неговата емотивна амплитуда тука се движи меѓу поларните точки на восхит и очај. Таа амбивалентност кај него е посебно драматична како кај ниеден друг руски гениј. Него како визионерски и интуитивен дух постојано го мачело спознанието за анимозитетот на Европа кон Русија и нејзиното хиенско демнење од заседа да наслабне и да се нафрли врз неа. Тргнувајќи од таквото болно спознание во еден очаен миг ќе рече: „Русија како варварска орда ќе се струполи на Европа и ќе ја уништи цивилизацијата“. Тој пламено верувал во надмоќта на Русија над Европа, покрај другото и затоа што силно верувал дека рускиот народ е „народ богоносец“. Како најхристолик меѓу народите во неговата визија тој е задолжен и за спасение на светот. Изливите на Достоевски на очај кон Европа понекогаш добиваат облик и на катастрофични визии и слики. Во едно писмо од Германија до еден свој пријател тој пишува: „Во Европа е сè поткопано и уште утре сè ќе се урне и тоа засекогаш и без трага“. А потоа следува кусиот осврт за Германија и Франција: „Германија – тоа е мртов народ без иднина, а Франција ќе пропадне. Самата себе ќе се уништи. Таквите дури не треба ни да се жалат… Ќе исчезнат Французите… Ќе останат дивјаците што ќе ја голтнат Европа“.
Европа никогаш немала искрена љубов кон Русија и желба за цивилизациска основа со неа. А камоли за братска прегратка. Сега со војната во Украина таа повторно чека во заседа да наслабне таа и да падне на колена пред нејзиниот ариевски сурат со агресивен нарцизам. Таа сега глуми на перверзен начин хуманизам и цивилизациско лидерство во таа војна. А всушност тој трагичен судир меѓу двата братски народа е проект на НАТО и Западот за демолирање на Русија. За таа цел сега Украинците се само нивни војници што војуваат без да го знаат тоа за нивната според сите параметри мрачна цел. Еден ден тие можеби ќе го сфатат тоа, иако трагедијата е огромна. Бриселска Европа хиенски настрвена на Русија, суетна и болно нарцистичка (Фројд би имал проблем со нејзиното атрофирано его) дури ни сега не сака да се постигне мир меѓу двата по нејзино сценарио закрвени братски народа, кога Трампова Америка забрзано работи на тоа. Толку многу е глупава со целата нејзина бриселска политбирократија, таа на нејзините колонијалистички нации што уништија за злато и цели цивилизации по Колумбо, па ние, драг читателу, Македонците се чудиме што нè згази таа брутално, иако спакувано во софистициран целофан, дивјаштво, како да сме мува што го нарушува мртовечкиот сон на нејзината расипана маркиздесадовска цивилизација.
Така. Доволно светлина за осветлување на мрачната ситуација со новоевропската бриселска цивилизација во целосна морална атрофија. А ние пак се враќаме на сјајниот Александар Блок, со чии знаменити стихови за руската тајна и ја започнавме нашата денешна колумна. Со него и ќе ја завршиме неа. Со песната „Скити“ („Скифи“), која, како и Достоевски, во големо разочарување од Европа на претсмртна постела, како руски болен Дојчин ја пишува поетот таа своја последна песна со тестаментална порака кон Европа. Но таа, за жал, не ја сфати неа, а по сè изгледа, според нејзиниот денешен шуплив Макронов и останат ум, и нема никогаш да ја сфати, сè до некоја нејзина катастрофа што ѝ е потребна за да ја хуманизира и прероди. Во својата тестаментална последна песна Александар Блок во последните стихови ја повикува во духот на отворената руска душа Европа на братска прегратка со Русија. И тоа се стихови во стилот на величествена симфонија од опусот на Стравински или Шостакович: „О, елате кај нас! Од војната страв што сее / Дојдете ни во прегратка вие, / Спуштете го мечот, дури доцна не е, / Пријатели, Браќа ќе сме ние!“ Но потоа, ако таа го добие тој повик, следува заканата дека Русија ќе ѝ ја покаже нејзе „азијатската муцка“ од која толку многу се плаши таа: „За последен пат вразуми се, свете! / На празникот братски од мирот што блика / За последен пат на братска гозба света / Лирата варварска те вика!“
Крај, драг читателу. Доволно се осветлени мрачната слика, страст и волја на Европа за пад на Русија, а посебно и за идентитетска смрт на Македонците. А по сè изгледа и кон целиот словенски свет. Барбароса. Ама ни климата ни небото не се погодни за таквата мрачна евробриселска визија. Nocturno. De profundis. Memento mori.