Впечатокот од настапот на македонската ракометна репрезентација на СП е многу подобар од редниот број на табелата за пласман (1)
- Кога официјалните статистики на ИХФ објавија дека македонската ракометна репрезентација го освоила 15. место и направила скок од досегашното 27. место, не можев да се оттргнам од впечатокот што го имам во мојата меморија, врзан за оваа бројка. Имено, бројот 15 означува „манифестација на хармоничност, синтеза на материјата и духот“. Добра метафора, нели? Натаму, бројот 15 исто така означува „силен проток на енергија, извор на сила и соработка“. За петнаесетката се вели дека „духовноста има водечка позиција, додека, од друга страна, можноста за изразување на индивидуалната креативност може да биде премногу отворена“. Петнаесетката се смета за број чии квалитети е тешко да се оценат, оправдаат или објаснат. На пример, во Кабалата, природата на овој број подразбира – екстремна упорност! Бројот 15 вклучува „целина и хармонија“, но и „ограничувања предизвикани од неговиот конзервативизам и минато страдање“… Исклучителен опис на македонската ракометна репрезентација и освоеното 15. место, нели?
- Македонскиот национален тим како 15. во светот го заврши својот настап на СП. Многу работи се напишаа изминатите денови на таа тема, но главниот заклучок е дека впечатокот од комплетниот настап е многу подобар од бројката што стои покрај Македонија на табелата, која означува пласман на селекциите од 9. до 24. место. Добре дојдовте во мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, посветена на настапот на Македонија на светскиот шампионат, селекција против која „никому не му беше лесно“ и од која допрва ќе се „тресе“ европскиот и светскиот ракомет. Овој пат, поради обемноста на мојот пристап, колумната/анализата решив да ја напишам во две последователни продолженија, од кои првото продолжение ќе оди денеска…
„Оваа Македонија има глава и опаш, ама има и свој лимит“ – беше еден од моите заклучоци во најавната колумна за ова СП. За овој првиот дел, сите видовме дека е така. Впрочем, не можеш ти во континуитет да одиграш на високо ниво, без (поголеми) амплитуди во играта, во однос на подеми и падови, да бидеш во игра на речиси сите натпревари, ако не било тоа така. Но, многу поважно од тоа, македонската јавност можеше да забележи дека не постои убаво исцртана граница, која ќе го покажува лимитот на оваа селекција. Тој е во моментов непознат, а на истиот тој му се дава добра прогноза.
Слично или, да не речам, идентично како во таа 2009-та, на која постојано се навраќаме, јавноста овој „успех“ на машката ракометна селекција го прифати како освојување медал, но и со измешани чувства. Жалење за тоа дали можеше да се оди уште погоре во нокаут-фазата, но и огромно задоволство од фактот дека шанса за таков пробив нагоре овие момци на Лазаров ќе имаат веќе на следните две големи смотри во 2026 и 20’27 година. На едно мое гостување на ТВ најавив дека најдобрите игри и наедно пласман на оваа селекција, составена од две или три генерации, ќе биде за две години. Здравје…
Добре дојдовте во мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, посветена на настапот на Македонија на светскиот шампионат, селекција против која „никому не му беше лесно“ и од која допрва ќе се „тресе“ европскиот и светскиот ракомет. Барем така изгледа(ше) овие денови играта на нашиот национален тим.
ФИЛИП ОД МАКЕДОНИЈА КАКО ВИСТИНСКИ КАПИТЕН, БЛИЗНАКОТ МОРА ДО ПОГОЛЕМА МИНУТАЖА
Македонија сѐ уште, додека го пишувам овој текст, по долги години, повторно го има најдобриот стрелец на едно првенство во името на Филип Кузмановски. Филип од Македонија заслужи, со својата игра и однос, да биде „прв на тапет“ во оваа моја мини-анализа. Беше единствен лев бек што и пред првенството го ставивме во групата на „разбивачи“ или играчи што можат да погодат од „надвор“. Но исто така во добар дел од најавите и анализите, Филип беше посочуван како играч што ја има „најдобрата индивидуална полуконтра“ во светот на ракометот. Лазаров му ја деде и улогата да „решава“ играч повеќе и иако нашата селекција не блескаше во тој дел, нашиот Филип високо котира на листата на асистенции. Баравме селекторот да го заштити Филип од сопствените „жолти минути“, а можеме да кажеме дека или селекторот беше суперуспешен или Филип го најде лекот за нив. Едноставно, без забелешка на сѐ што направи за тимот.
Павле Атанасиевиќ е играчот што носеше голем товар на грбот, менувајќи го со години стандардниот Талески на таа позиција и коментарите поврзани со (не)присуството на Талески на СП. Доби шанса „на лажиче“, но покажа жар и потенцијал. Неговиот пристап и физички предиспозиции никогаш не биле спорни, но ќе мора да инсистира на поголема минутажа, да решава натпревари, за во иднина од него да можеме да очекуваме нешто повеќе од краткотраен блесок, еден потег и слично. Убеден сум дека имаше место за него, во одреден фаза во нашата зона, кога ни требаше агресивност, брзина и борбеност. Времето работи за него.
БРУС ЛИ И СИМБА ДВА РАЗЛИЧНИ ДЕЛА ОД МОЗАИКОТ НАРЕЧЕН СРЕДЕН БЕК
Средните бекови, во името на Митев и Ѓорѓиев, беа убава приказна на ова СП. Иако на стартот јавноста (пре)многу очекуваше од Брус Ли, кому противниците му „подарија“ многу внимание, одигра одличен турнир, уште повеќе потврдувајќи ја тезата дека тој ќе биде „моторот“ на „новата Македонија“. Храбар, одлучен, играч што знае и многу често сака да одигра за себеси, многу придонесе за настапот на Кузмановски (кој долго време беше форсиран на среден бек), но од неговата одлична дуел-игра ќар имаше и „цртата“, а и десните бекови. Искуство и трпение ќе треба да добие со секој нов натпревар. Од друга страна, популарниот Симба трпеливо чекаше на секоја шанса, секоја минута, одигрувајќи без грешка, ставајќи се себеси во функција на другите (пивотите пред сѐ) свои соиграчи. Во иднина мора многу да работи на делот од играта каде што треба да биде опасен по голот, од полудистанца, за да си обезбеди себеси простор „за оперирање“ во зоната на противникот.
„СИДРОТО“ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ВО ДВА ПРАВЦА
Десната страна на нашиот тим, онаа бековската, со официјално три решенија, во Велковски, Серафимов и Јагуриновски, беше најавена како позиција од која нема да очекуваме чуда, но и дел од тимот што треба да „испрати“ игра, да валоризира „вишок“ создаден од левата страна или средните бекови, да „вработи“ пивоти и одигра многу важна улога во одбраната, на позиција каде што противниците беа најсилни… И оправдаа богами. Трансферот во Алкалоид на двајцата Мартиновци ги направи посилни од физички аспект, издржливи, но тактички поквалитетни. Нивната техничка перфектност никогаш не била доведена во прашање.
КОСТЕСКИ ИМПРЕСИВЕН, ЏОНОВ И ПЕТАР КОРИСНИ ЗА ТИМОТ
За крилата… Во ракометот секогаш потценети, а за нашата игра многу важни. Избираше мудро Лазаров, но и со многу доверба спрема Костески, како тазе вратен на терен по повредата, младиот и уште недоволно зрел „близнак“ од една страна и поливалентниот Џонов, бек во „кожа“ од крило, како втора опција. Не гледајќи во конкретна статистика, впечатокот е позитивен. За Костески во однос на напад, каде што беше безгрешен и покажа одлични физички перформанси, поминувајќи доста време на терен, а за Џонов и Атанасиевиќ како „комплетни“ крила, кои играат на позиција пет во одбрана, одморајќи ги „главните“ играчи во нападот на Македонија. Кога може Данска да даде жртва со Киркелоке, може и Македонија со Џонов.
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“
(продолжува утре)