Поврзувањето е единствената равенка за поголем економски раст, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“, кој годинава се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“.
– Ние треба да го изградиме темелот, го немаме и тоа е суштината. Кога ќе го поставите прашањето што е предноста на државата единствената компаративна предност што ние ја имаме со конкуренцијата во регионот и во Европа е тоа што сме место на поврзување на два важни европски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8, односно како да се поврзат северна со јужна Европа односно централна Европа со Медитеранот преку Егејското море, и Јадранското и Јонското со Црното море, преку Коридорот 8. Сè друго, ако го мериме како компаративна предност, можете да го најдете кај која било конкуренција во регионот или во Европа. Ако тоа го направиме, тогаш можеме да развиваме сè. Тоа не сме го направиле – рече Мицкоски.
Презентирајќи ги активностите за изградба на автопатите, железницата, енергетското и гасното поврзување истакна дека завршувањето на те проекти ќе биде прв приоритет на Владата, пренесува МИА.
Мицкоски оцени дека првите два месеца од годинава во економијата почнаа добро, но оти потоа се случи конфликтот на Блискиот Исток којшто влијае врз политиката и економијата. За разлика од останатите држави, посочи, влеговме во решавање на проблемот и прилично успешно се справуваме со состојбите и покрај тоа што имавме исклучително големи фискални откажувања, којшто на прв поглед може да се очекува да влијаат на Буџетот, но принципот економија на обем кој го применивме покажува дека до овој момент не само што не ги почувствуваме туку и ги надминаа нашите очекувања во услови на криза. Тоа значи зголемена потрошувачка на бензините и дизелот, што влијае позитивно на Буџетот и имаме најниски цени на горивата во регонот, рече премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека има зголемување кај БДП во изминатите две години, посочувајќи дека тоа не е доволно, но оти треба да имаме големи цели, а истовремено и да се споредуваме со реалноста.
– Имаме шест квартали по ред со над 3,5 проценти реален раст. Годинава според Меѓународниот монетарен фонд ќе дојдеме до номинален БДП од 22 милијарди долари и ако се направи разлика помеѓу тоа што ќе го завршиме годинава и тоа што го почнавме во 2025 година, трипати повеќе е зголемен номиналниот БДП з адсве години отколку во периодт 2018 – 2023. Тоа не е доволно и треба побргу но во услови кога нашиот најголем трговски партнер има 2,5 пати помал раст на БДП и потрошувачка логично е тоа да влијае и кај нас. Мораме да споредуваме споредливи работи. Треба да имаме големи цели но истовремено и да се споредуваме со реалноста – рече Мицкоски.
Во однос на иднинатата на странските инвестиции, оцени дека со постојните и најавените го исцрпуваме човечкиот капацитет и поради тоа, посочи, треба да се насочуваме кон други инвестиции, регионални проекти што ќе не обединуваат преку вештачката интелигенција.
Извршната директорка на „Македонија 2025“ Никица Мојсоска-Блажевска на отворањето на Самитот истакна дека Владата има огромна одговорност, но не е единствениот носител на промени.
– Растот е задача на институциите, но и на компаниите, на образованието, но и на семејствата, на политичарите, но и на граѓаните, на дијаспората, но и на секој еден што живее во Македонија и секој еден што во оваа сала денес. Ако сакаме Македонија да оди напред, секој од нас мора да ја направи својата работа подобро. Институциите мора да бидат поефикасни, компаниите да бидат похрабри и поконкурентни, работниците да имаат пристап до нови вештини, меѓутоа и волја да се усовршуваат, универзитетите да создаваат знаење релевантно за иднината, граѓаните да бараат отчетност, меѓутоа исто така да не живеат по правила по коишто очекуваме другите да живеат, а ние да ги прекршуваме – рече Мојсоска-Блажевска.
































