Да повторам нешто што низ годиниве сум го пишувал. Промената на името од Македонија во Нордистан (Северна) се случи координирано, однадвор и одвнатре. Однадвор тоа го стори „меѓународната“ заедница (САД, ЕУ, НАТО) преку специјална војна спроведена врз Македонија (27.4.2014 – 27.4.2017), а на терен предводена од Џес Бејли и западноевропските амбасадори. Одвнатре, (СДСМ/ДУИ/суд/„балкански“ методи/невладини, шарени) промената се случи насилно, противуставно, со игнорирање на референдумската волја на граѓаните, преку злосторничко здружување и полициско-политички монтирани случаи. Оттука, дали може да си го вратиме името?
Политички, името „може“ да се врати со двотретинско мнозинство. Наводниците во претходната реченица се ставени затоа што, убеден сум, тоа е невозможно. Албанските политичари во Македонија не би учествувале во таков процес без разлика на партиската припадност бидејќи сите се контролирани од САД. Што се однесува до македонските политичари, никој од нив не може да обезбеди 80 пратеници. Дури и да дојдат некои научнофантастични времиња, во кои ВМРО-ДПМНЕ, Левица, СДСМ и ЗНАМ соберат двотретинско мнозинство, секако ќе најдат нешто околу кое ќе си извадат очи. Затоа, претпоставувам, ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш во предизборната кампања не вети дека ќе го враќа името. Вети Левица, знаејќи дека не може да собере 80 пратеници, ама истото и јас може да ви го ветам.
Понатаму, имајќи предвид дека промената на името е противуставно и кривично дело, за што постојат непобитни докази, неговото враќање може да го спроведе Уставниот суд, но и Обвинителството за организиран криминал (со помош на МВР), затоа што станува збор за злосторничко здружување, по што би се раскинал Преспанскиот договор, оти договори како што се потпишуваат, така и се раскинуваат, но за такво нешто, мора да имаме толку независно и бестрашно судство што ќе ни се чини дека се лично од Бога избрани. Такво судство речиси и да не постои во светот, но, еве, дури и да е само независно, да одбива политички притисок и словото на законот да му е Оченаш, овој процес ќе биде долг и комплексен, затоа што…, па затоа што сме светлосни години од независност на судството, ама и да уништиш ти треба секунда, но да изградиш треба време. И во првиот (двотретинско мнозинство) и во вториот случај (независно судство) ќе се соочиме со неизбежен проблем.
Имено, при евентуално враќање на нашето свето име, мора да сме спремни на реакција од „меѓународната“ заедница, затоа што идентитетскиот геноцид врз Македонците, од Лисабонска декларација наваму, се нивно дело и сценарио во кое Грција и Бугарија играат споредна, ама клучна улога. Таа реакција ќе биде толку жестока што земјата македонска ќе се затресе. Имајте на ум стравотни притисоци, ембарга, морбидни закани, атентати (како во Словачка), нова специјална војна, но и онаква, грозоморна, инсценирана, ама реална војна (досега илјадапати сме виделе низ светот, но и дома кај нас) за која војна, познавајќи го мојот македонски народ (во каква моментална состојба е сега), знам дека е спремен… спремен да фати Халкидики и оттаму да растури со фејсбук-статуси како најжесток вид мобилизација.
Тука се меѓународните организации и нивните судови, кои постојат за, демек, да спроведуваат мир и еднаква правда за сите, но делото, злосторство против човештвото, во овој случај врз Македонија и Македонците, започна токму во ОН, а пресудите на меѓународните судови, колку и да се праведни, моќните сили ги третираат како тоалетна хартија. Ние добро го знаеме тоа. Има уште еден начин како да го вратиме името, но крајно е морбиден. Треба да има трета светска војна, која можеби веќе е почната или секако е во најава, ама при такво планетарно безумие, ние мора да сме на победничката страна (во што крајно се сомневам) и при новата распределба на светот, ако остане нешто од него, да имаме важна улога.
Така приближно, реално, изгледа ситуацијата околу враќањето на она што на сила ни го зедоа, при што сите ние одигравме важна улога. Муабетот „ама што можев јас да направам“ ја потврдува претходната реченица. Вознемирениот домољубив читател ќе викне, значи никогаш нема да си го вратиме името? Не се согласувам. И за ова сум пишувал. Јас верувам дека ќе се врати името, ама нема ние да го сториме тоа, туку внуците на нашите правнуци. Или тие по нив. Само треба македонската приказна да се пренесува, а во тоа не се сомневам, оти од Римјаните, кои нè касапеле, прогонувале и не оставиле камен на камен од она што тука било, до парчосувањето и геноцидот по 1913 година од страна на европските империи и нивните балкански вазали, а наши соседи, сите со нечовечна жестина се труделе да ја збришат идејата за Македонија, но никому не му успеало.
Така ќе биде и сега и во иднина. Ние само, народски кажано, касно палиме. За единаесет години, онака мали, го освоивме сиот свет, веднаш потоа се поделивме и на Римјаните им помогнавме да нè уништат, па ни требаа единаесет века да се вратиме на сцена, не политички, туку културно, преку она што светот го позна како македонска ренесанса. Како дел од неа го спроведовме и описменувањето на сите Словени, што и не ни беше многу паметно, оти и тоа ни се удира од глава. По таа наша ренесанса среде мрачниот среден век на Европа, повторно ни требаа десет века за да се вратиме на сцена и да создадеме конечно, на една третина територија, своја држава, која, факт, брзо ја посравме.
Ќе се осмелам, (нека Ми прости), да го цитирам нашиот Господ Исус Христос. Не очајувај, мало стадо! Ова што го сторивте на 8 мај е мал чекор во сегашноста, но битен за враќање на македонската приказна во иднина. Овој чекор, по она безумие што речиси нè избриша како постоење, за кое сме и сами виновни, треба да ја врати државата на стабилни нозе и тоа е задача на новата владина коалиција, сеедно што уште недојдена на власт, душа им извадија, однадвор и одвнатре. Како и да е, јас искрено верувам дека ќе го спроведат тоа што го ветија. Ако не, нивни проблем, одиме понатаму. Добро е што Левица (и покрај фактот што се малку) ќе им биде опозиција, оти сметам дека е корисно за Македонија ако спроти едрата на власта дува еден поинаков национален ветер, макар и радикален (додуша, од Левица мора да се среќни што вмроовците победија, смешно беше кога се тепаа со нив како опозиција, а тоа го правеа, повеќе отколку со СДСМ/ДУИ), бидејќи СДСМ уште долго нема да го извади сидрото од дното под дното каде што го фрлија за да пловат кон пристаништето на безумноста. Оттука, треба да запаметите дека никогаш не било лесно да си Македонија, ама невозможно е, ако ја љубиш (и покрај сите ужаси што биле и ќе доаѓаат), да се откажеш од љубовта кон неа.