Иако изминатите денови со дислоцирање на неколку киосци и со сечење на дрвја
почнаа подготвителните работи, како што стојат работите, по се изгледа Битола се откажа од над 400.000 евра европски пари за изградба на велосипедски патеки.
И покрај апелите на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, мнозинството
советници на СДСМ, Поинаку и Левица гласаа воздржано и не го дозволија предлогот на Коњановски за ставање на точките на дневен ред, ниту пак да се донесе менување на одлуката за согласност и кофинансирање на проектот 42 и изградбата на велосипедските патеки.
Мнозинството советници не го прифатија ни укажувањето на Коњановски за последиците што можат да се случат доколку точките не бидат ставени на
дневен ред и Советот и не донесе одлука за реализација на проектите. По ваквиот расплет на случувањата на седницата на Советот, сега е сосема извесно дека Битола велосипедските патеки ќе мора да ги гради со сопствени средства од буџетот.
Залудни беа настојувањата на градоначалникот Коњановски да ги разубеди советниците дека Делегацијата на Европската Унија во Македонија писмено го известила дека доколку Советот не донесе одлука, проектот потпишан од Делегацијата на ЕУ ќе биде суспендиран.
– Уште кога се подготвуваше дневниот ред за оваа седница, до претседателката на Советот, поднесов иницијатива за поставување на две точки на дневен ред. Не знам од кои причини, но, точките не беа ставени на дневен ред. Денес, повторно поднесов иницијатива за ставање на дневен ред на овие две точки, но за жал, мнозинството советници повторно останаа на ставот истите да не ги постават – истакна Коњановски.
ЕУД размислува за суспендирање на договорот, во согласност со чл. 11.6 (б) од
општите услови, нагласува Коњановски. Градоначалникот одговори и на укажувањето на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, дека против него од страна на ОЈО Битола се води предистражна постапка за пренамена на средствата на ЕУ за проектот „Парк”, за изградба на велосипедски патеки.
– Ве уверувам дека не постои никакво противзаконско дејство во спроведените постапки кои се однесуваат на проектот „Смарт фор ју ту” – рече Коњановски, кој укажа дека доколку не се изгласаат предложените точки од негова страна, Битола како град ќе претрпи големи штети чии последици во моментот не можат да се предвидат.
Инаку, во писмото кое Европската делегација го испратила до Коњановски стои дека временскиот рок за плаќање е суспендиран од општите услови на договорот, со цел да се добијат дополнителни информации поврзани со реализацијата на проектот. Во привремениот извештај кај повеќе активности е забележано значително задоцнување. Според последните информации добиени од проектниот менаџер, а поради континуираното отсуство на одлука на Советот на општината за кофинансирање
на истото, изгледа многу веројатно дека оваа активност нема да се реализира воопшто.
Делегацијата на ЕУ бара јасни информации за статусот и времето на спроведување на секоја од проектните активности. Бара одговори кои активности се започнати и се во тек (со предвиден датум на завршување), а кои се уште не се започнати со предвиден датум на почнување и завршување и сето тоа најдоцна до 20 февруари, се вели во писмото од Делегацијата на ЕУ испратено до градоначалникот.
Во врска со недоразбирањата на релација Совет – градоначалник во неколку наврати во Битола доаѓаше и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој се обидуваше да ги убеди советниците да ги надминат своите суети и да донесат правилна одлука во интерес на градот.
Иако делегацијата на ЕУ со општина Битола имаше потпишано анекс на договорот,
со кој наместо реконструкција на објектот „Парк“ се предвидува изградба на велосипедски патеки, сепак советниците од новоформираното мнозинство не дозволија пренамена на средствата и го отфрлија анекс-договорот на општината Битола со Делегацијата на ЕУ за изградба на велосипедски патеки.
Советниците останаа доследни на својот став, не само да не се донесе одлука, туку да не дозволат ни расправа за двата проекта. Така, Битола без дебата и расправа едноставно се откажа од над 400.000 евра европски пари за изградба на велосипедски патеки, а најверојатно иста судбина го чека и проектот за објектот „Парк“. М.М.