Пронаоѓањето живот надвор од Земјата е сон на секој астронаут и научник, а потрагата по сродни планети е еден вид свет грал на астрономијата. Сега, планета слична по големина на Земјата е откриена не толку далеку.
Засега, планетата го доби името К2-415б, орбитира околу џуџеста ѕвезда на Млечниот Пат и е оддалечена 72 светлосни години од нас. Ова го откри меѓународен тим астрономи од Јапонскиот астробиолошки центар.
Млечниот Пат има многу интересни светови во својот состав, но досега не добивме одговор на сите прашања што човештвото отсекогаш ги поставувало, имено, зошто сме овде и дали има слично место каде што има живот сличен на оној што ние како вид го знаеме.
Истражувањето откри дека сега откриената К2-415б е 1.015 пати поголема од Земјата, орбитирајќи околу една од најмалите ѕвезди околу кои се пронајдени слични тела. За првпат беше забележана во 2017 година кога беше снимена со телескопот „Кеплер“. Потоа започнаа истражувања и во сега објавената студија добивме многу податоци, пред сѐ за масата, димензиите и должината на орбитата.
Иако К2-415б има приближна големина со Земјата, нејзината маса е трипати поголема, што покажува дека е погуста во структурата. Покрај тоа, таа е многу поблиску до својата матична ѕвезда отколку Земјата до Сонцето. Останува можноста во составот на К2-415б да има и други слични планети, кои сѐ уште не се откриени, а научниците велат дека е многу мала веројатноста да има живот на новооткриената планета.