На панел-дискусијата на темата „Инвестициите во инфраструктурата и во културата – траен влог за идните генерации“, Весна Костовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ истакна дека со новиот закон за употребата на македонскиот јазик низ конкретни и суштински чекори се потврдува вистинската и искрена заложба за заштитата на македонскиот јазик. Таа посочи дека со доследна примена на овој закон, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и, секако, со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик.
– Минатата година, по цели 24 години, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се вработија 16 млади кадри. Со новите вработувања на млади кадри, она што стагнираше, сега се случува бум во заштитата на македонскиот јазик, иако не одекна така во јавноста. Различни генерации во Институтот одлично соработуваат, се надополнуваме. Ние поискусните им го пренесуваме нашето знаење на помладите колеги, но и од младите учиме за современиот пристап кон јазикот и новите технологии – вели Костовска.
Според неа, голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик ќе биде и стипендирањето ученици од четврта година средно образование и на додипломски и докторски студии, новина што е предвидена со законот за употребата на македонскиот јазик, кој се изработи во широка јавна расправа, со консултирање голем број лингвисти, чии забелешки беа прифатени.
Донесувањето на новиот закон е на дневен ред денеска на собраниска седница. Со законот е пропишано задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт.