Фото: ЕПА

Сојузниците од НАТО и ЕУ мора да обезбедат дополнителна финансиска поддршка за Украина, повика денеска генералниот секретар на пактот, Јенс Столтенберг.

– Доколку рускиот претседател Владимир Путин победи во Украина, постои реална опасност тој повторно да прибегне кон употреба на сила – рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во седиштето на Алијансата во Брисел.

– Приемот на Шведска во НАТО дополнително ќе ја зајакне Алијансата, ја поздравувам одлуката на турскиот Парламент да го ратификува пристапот на земјата кон пактот. Му благодарам на претседателот Реџеп Ердоган што брзо ја потпиша одлуката –  додаде Столтенберг.

Тој го поздрави јасното изразување на поддршка добиено од унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата влада за одобрувањето на шведското членство.

– Очекувам Унгарија да го ратификува документот штом Парламентот ќе продолжи со работа во Будимпешта – додаде генералниот секретар на НАТО.