Со оглед на тоа дека насилството повторно предизвикува насилство на Блискиот Исток, неопходно е Арапите и Израелците внимателно да размислат за тоа што, веројатно, би постигнале со своите политики и дејствувања. Во израелско-палестинскиот контекст, војните имаат долг историјат на постигнување мала и недоволна самоуништувачката желба за одмазда.
Нападот на Хамас на 7 октомври и брзиот воен одговор на Израел повторно го оживеаја навидум бескрајниот циклус на насилство на Блискиот Исток. Како што сега стојат работите, не се забележуваат сериозни напори да се прекине циклусот на насилство, а изгледите за конечно решавање на израелско-палестинскиот конфликт се чини дека се подалечни од кога било. Сите оние што сакаат мир мора да им ја кажат вистината на Израелците и на милитантните исламски фундаменталисти.
Додека сите ние растевме, нè учеа дека познавањето и внимателното земање предвид на сопственото минато е знак на имање карактер. Меѓутоа, денес имаме работа со страни што одбиваат соодветно да ги земат предвид минатите искуства или да ја планираат својата иднина.
Операцијата на Хамас на 7 октомври беше „понапредна“ верзија на претходните напади изведени во 2008, 2014 и 2021 година. Целта на овие напади беше да се одговори на провокативните окупациски практики што се спроведуваа околу џамијата „Ал акса“ во источен Ерусалим и да се ослободат палестинските затвореници. Но тие напади никогаш не променија ништо на теренот во Појасот Газа. Наместо тоа, тие постојано доведуваат до сè повеќе и повеќе смртни случаи на двете страни – иако најчесто палестинските жртви се пет пати поголеми од оние на Израелците. Тука се и неизбежното уништување на инфраструктурата, предвидливото заострување на блокадата и продолжувањето на репресијата врз Палестинците (како што се оние што се уапсени во „Ал акса“, и тоа во сè поголем број).
Слично на тоа, во обидот воено да го казни Хамас за 1.400-те убиени Израелци на 7 октомври, Израел не застана за да го испита сопствениот историјат. Претходните војни во Газа не ја постигнаа својата главна цел за „припитомување“ на Хамас, бидејќи пристапот на Израел беше да се справи со симптомите наместо со основните причини.
Уште од своето формирање, Израел водеше голем број крвави војни во име на зачувување на својата безбедност, што доведе до голема цена во човечки животи и нарушување на правата и на идните перспективи на Палестинците. Неодамна екстремно десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху (сега тргната настрана во корист на вонредната влада на национално единство) постави верски ревнити на клучните позиции во владата, кои ги зголемија тензиите со Палестинците околу „Ал акса“ и во окупираниот Западен Брег.
Израелците постојано прават грешка во тоа што веруваат дека Палестинците покорно ќе го прифатат статус квото и покрај тоа што живеат во тешки услови и со малку надеж. Сепак, историјата на конфликти и окупации во држави како што се Алжир, Мароко, Тунис, Сирија и Египет јасно покажува дека таквиот начин на размислување е осуден да доведе до неуспех. Угнетените луѓе можеби поминуваат низ периоди на длабока апатија, но нивната желба за слобода е постојано присутна. Тие секогаш во одреден момент ќе се разбудат од својата притаеност.
Во оваа последна војна целите на Израел се чини дека значат одмазда за оние што беа убиени од страна на Хамас, потоа враќање на намалената моќ на одвраќање на израелските одбранбени сили (IDF) и елиминирање на Хамас од Газа. Но таа не објасни како ќе ја постигне последнава цел, ниту, пак, како ќе се справи со последиците.
Секојпат кога Хамас ги вовлекува Газа и нејзиниот народ во крвава војна со Израел, неизбежно се случува зголемување на емоциите низ целиот арапски свет. Сликите од уништувањето на Газа поттикнуваат гнев не само на арапската страна, туку и кај оние што вообичаено имаат „поладни“ глави. Иако е разочарувачки, сепак не е за изненадување тоа што поддршката за Хамас и неговата узурпација на палестинската кауза се проширува кај некои од најобразованите и најпросветлени членови на арапската елита. Една таква личност неодамна ме осуди поради тоа што го критикував Хамас, со тврдење дека тоа не е терористичка организација туку движење на отпорот и дека убиените Израелци не биле цивили, туку доселеници што го заслужиле тоа.
Таквите реакции покажуваат како брановите на насилство и омраза ги исцрпуваат сите оние низ кои поминуваат тие бранови. Дури и интелектуалците можат да им подлегнат на емоциите и на бесот, при што многу од нив се поттикнати од социјалните мрежи и пропагандата.
Доколку Израел не е во состојба да го елиминира Хамас, па дури и да ги поткопа неговата воена моќ и политички авторитет, ќе постигне мошне малку. Ќе бидат потребни децении за да се надмине невидената штета што ѝ е нанесена на Газа. Слично на тоа, сè што ќе направи Хамас е организирање нарцисоидна демонстрација на сила, за која невините луѓе во Газа ќе мора да платат со својата крв, со своите домови и со својата иднина. Презирот на Хамас кон невините цивили ќе го достигне својот врв, кога и да заврши војната. Повторно, поддржувачите на таа организација ќе ја слават „победата“ додека стојат врз урнатините на домовите и труповите на невините жители на Газа.
Арапите и Израелците заеднички мора внимателно да размислат за тоа што ќе постигнат нивните политики и активности. Сеќавањето на минатото искуство е единствениот начин да се вратиме на патот што нуди барем малку надеж за иднината на овие две страни од конфликтот.
(Республика.еду.мк)