Фото: Маја Јаневска-Илиева

Некои аспекти на иницијативата за четиридневна работна недела

Последното меѓународно истражување потврди дека четиридневната работна недела како концепт на работа е прифатлив за работодавачите и за вработените, при што најголем дел од компаниите и фирмите што активно учествувале во истражувањето одлучиле да не се вратат на стариот систем. Интересно е дека анализите од истражувањето покажале дека вработените што имале четиридневна работна недела успеале успешно да ги завршат сите зададени работни задачи со дополнително намалување на работното време. Работниците пријавиле дека се помалку исцрпени, дека нивното здравје е подобрено и дека се позадоволни од работата, додека просечното работно време го намалиле за околу четири часа, на 34 часа неделно

Концептот на четиридневна работна недела, во кој вработените добиваат 100 отсто од платата за 80 отсто од нормалното работно време, додека ја одржуваат 100 отсто продуктивноста, станува сѐ попопуларно во изминативе години. Неколку меѓународни истражувања за оваа проблематика потврдуваат дека четиридневната работна недела им го подобрува здравјето на вработените, ги намалува анксиозноста и стресот, а наедно ја зголемува и продуктивноста на вработениот, нешто што позитивно се одразува врз перформансите на фирмата или компанијата.

Истражување во 61 компанија и близу 3.000 вработени

Проф. д-р Брендан Бурчел од Универзитетот во Кембриџ, кој ги проучувал ефектите на работата врз психолошката благосостојба, нагласува дека неговото истражување имало позитивен исход и покажало подобрување на продуктивноста и квалитетот кај вработените. Споменатото истражување било спроведено од Бостонскиот колеџ и Универзитетот во Кембриџ, а биле опфатени 61 компанија со околу 2.900 вработени, со постепено намалување на работните денови.

Интервјуата со учесниците, собирањето податоци и анализата покажале дека 96 отсто од вработените рекле дека претпочитаат четиридневен распоред, а намалувањето на работното време се покажало позитивно и за работодавците. Компаниите што учествувале во истражувањето пријавиле зголемување на приходите за 1 отсто, а речиси сите работодавци и фирми истакнале дека планираат да го продолжат четиридневниот експеримент за работна недела, во некои случаи на неодредено време.

Џулиет Шор од Бостонскиот колеџ, која учествувала во истражувањето, нагласува дека и другите компании, вклучувајќи ги и оние во САД, се посвесни за придобивките од пократките работни недели. Според Шор, има растечка тенденција за прифаќање да се работи помалку, нешто што може да кулминира со четиридневни работни недели во глобални рамки.

Дека четиридневната работна недела овозможува поздрави и поефикасни вработени покажува и последното истражување на непрофитната организација „Четиридневната работна недела – Глобал“ во САД, Канада, Велика Британија и во Ирска, во период од 18 месеци. Споменатата организација се фокусира на овој концепт и во соработка со владите се обидува да креира соодветни политики што ќе придонесат за подобрување на здравјето и продуктивноста на вработените, но и ефикасноста на компаниите и фирмите во целина.

Реални позитивни трендови во деловните придобивки, придобивките за здравјето и благосостојбата, како и влијанијата врз животната средина

Последното меѓународно истражување потврди дека четиридневната работна недела како концепт на работа е позитивен за работодавачите и за вработените, а најголем дел од компаниите и фирмите што учествувале одлучиле да не се вратат на стариот систем. Податоците и анализите покажале дека вработените што имале четиридневната работна недела успеале успешно да ги завршат сите зададени задачи со дополнително намалување на работното време. Работниците пријавиле дека се помалку исцрпени, дека нивното здравје е подобрено и дека се позадоволни од работата, додека просечното работно време го намалиле за околу четири часа, на 34 часа неделно. Оние што продолжиле со истиот распоред за цели 12 месеци, дополнително ги намалиле работните часови на околу 33 часа неделно, според истражувачите. Во исто време, тие продолжија да известуваат за подобро ментално и физичко здравје и рамнотежа помеѓу работата и животот.
– Испитувањата се позитивни насекаде, со овој нов доказ, кој помага да се отфрли загриженоста дека претходните успеси се резултат на тоа што се новина и не може да се одржат на долг рок – се вели во споменатиот извештајот.

Истражувањето исто така утврдило дека продолжувањето на работата според новиот систем резултирало со дополнително подобрување на физичката и менталната благосостојба на вработените и истовремено зголемување на продуктивноста.
– Увидите по 12 месеци се исклучително позитивни и придонесуваат за градење силни докази што ги покажуваат трајните позитивни ефекти од намаленото работно време. Овие резултати покажуваат понатамошни позитивни трендови во деловните придобивки, придобивките за здравјето и благосостојбата, како и влијанијата врз животната средина и обезбедуваат солидна основа за широко усвојување на четиридневната работна недела – нагласуваат Шарлот Локхарт и Ендрју Барнс од организацијата „Четиридневната работна недела – Глобал“.               Д.Ст.


Тестирање за четиридневната работна недела низ Европа и светот Популарноста на пилот-проектите расте

Многу држави, вклучувајќи ги Ирска, Шпанија и Обединетото Кралство, ја тестираа четиридневната работна недела со убедливо позитивни резултати. Ниту една држава целосно не усвоила четиридневната работна недела, некои држави експериментираат со оваа концепција или имаат политики што им дозволуваат на работниците да бараат пократок работен распоред.

Португалија е последната држава што објави пробна работа во неделата, по примерот на Белгија, Обединетото Кралство и други. Во оваа европска држава, концептот за четиридневната работна недела стана актуелен во текот на пандемијата на ковид-19. Белгија стана првата земја во Европа што донесе закон за четиридневна недела, кога во февруари 2022 година, белгиските вработени го добија правото да вршат целосна работна недела за четири дена наместо вообичаените пет без загуба на плата. Новиот закон стапи во сила на 21 ноември минатата година, дозволувајќи им на вработените да одлучуваат дали ќе работат четири или пет дена во неделата. Но тоа не значи дека тие ќе работат помалку – тие едноставно ќе ги зголемат своите работни часови на помалку денови.

Во Шкотска и во Велс има најави за реализација на овој концепт, а владејачката Шкотска национална партија (СНП) најави дека ќе ги поддржи компаниите што ќе ја прифатат четиридневната работна недела со 11,8 милиони евра. Во Шпанија започна пилот-проект што има цел да им помогне на малите и на средните претпријатија да ја намалат работната недела за најмалку половина ден, без намалување на платите. Компаниите што ќе се пријават можат да добијат помош од владин фонд од 10 милиони евра, но тие мора да дизајнираат начини за зголемување на продуктивноста што ќе го компензира пречекорувањето на трошоците на платите, соопшти шпанското министерство за индустрија.

Во периодот 2015-2019 година, Исланд го спроведе најголемото тестирање во светот на работна недела од 35 до 36 часа без никакви повици за пропорционално намалување на платите. Во тестирањето учествувале околу 2.500 луѓе, а синдикати преговараа за намалување на работното време. Во Шведска, четиридневната работна недела со целосна плата беше тестирана во 2015 година со мешани резултати. Предлогот беше да се обидат со шестчасовни работни денови наместо со осумчасовни без губење на платата, но не беа сите задоволни од идејата.

Германија е држава со една од најкратките просечни работни недели во Европа. Според Светскиот економски форум (СЕФ), просечната работна недела е 34,2 часа. Сепак, синдикатите бараат дополнително намалување на работното време. Според едно истражување, 71 отсто од луѓето што работат во Германија би сакале да имаат можност да работат само четири дена во неделата.

Во други земји како Јапонија, поголемите компании се тие што се впуштаат во оваа територија, по најавата на јапонската влада во 2021 година за планот за постигнување подобра рамнотежа помеѓу работата и животот низ целата земја.       Д.Ст.