Фото: Макрон-Шолц / ЕПА

И покрај најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Париз и Берлин би можеле да разгледаат одлагање на стапувањето во сила на безвизниот режим за Косово доколку Приштина не се насочи кон намалување на тензиите со Србија, Германија планира строго да се придржува кон планот за укинување на визите за косовските граѓани при патување во ЕУ од 1 јануари 2024 година, наведува „Еурактив“.

Ова, според порталот, по се изгледа значи дека Макрон не се консултирал со властите во Берлин, кога минатата недела го изнесе ставот на Париз како заедничка позиција на двете најголеми земји во ЕУ.

Франција и Германија досега имаа синхронизиран пристап кон Косово, излегувајќи со заеднички ставови и изјави и заедно работеа на најновите предлози за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, неформално наречени „француско-германски план“.

Макрон изјави дека чекаат „јасна посветеност“ од двете страни, вклучително и нови локални избори, враќање на Србите во институциите и општо смирување на ситуацијата, но отиде и чекор понатаму и постави ултиматум – дека Франција и Германија се посветени и направија чекори кон отворање на визната политика и други економски прашања, кои ќе бидат преразгледани доколку двете страни не водат одговорна политика, наведува „Еурактив“.

Но, од германското Министерство за надворешни работи, за порталот посочиле дека Германија ќе ги почитува прописите усвоени од ЕУ во април 2023 година, според кои, косовските државјаните во иднина ќе бидат ослободени од условот за поседување виза за краток престој во Шенген зоната.

– Оваа одлука ќе стапи во сила на 1 јануари 2024 година. Тоа значи дека од тој датум сите држави од Западен Балкан ќе бидат подеднакво ослободени од условот за виза за краток престој во Шенген зоната, се наведува во одговорот на германското МНР.

Во меѓувреме, известувачката за Косово во Европскиот парламент, Виола фон Крамон, побара визната либерализација да не биде поврзувана со дијалогот Белград-Приштина.

– Граѓаните на Косово ја заслужуваат одамна задоцнетата визна либерализација. Сакаме да бидеме јасни – безвизниот режим не е и не треба да биде поврзан со дијалогот со Србија. ЕУ мора да го исполни ветувањето, дозволувајќи им на граѓаните на Косово слободно да патуваат од 1 јануари 2024 година – рече Фон Крамон.

На најавата на Макрон реагираше и косовската претседателка Вјоса Османи, која изјави дека доколку се одложи визната либерализација, дијалогот Белград-Приштина ќе биде уништен засекогаш.

– Би рекла дека ова е начин да се уништи дијалогот еднаш засекогаш. Ако некој сака да го прекине дијалогот, тогаш нека преземе такви мерки, кои се казнени мерки против народот на Косово. Тие не се против ниту еден лидер, не се против политика, тие се против народот на Косово. А таквата невидена казна, која беше голема неправда за народот на Косово, ќе резултира со крај на дијалогот – рече Османи.

Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел минатата недела на прес-конференцијата по завршувањето на неформалната средба на шефовите на дипломатиите на Унијата во шпанскиот град Толедо, најави дека на 14 септември ќе организира средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, што би требало да преставува продолжување на разговорите меѓу двете страни на високо ниво, кои неколку месеци беа во застој.