Фото: принтскрин

Министерот за здравство Фатмир Меџити на вчерашната прес-конференција рече дека ќе стори сѐ што е во негова моќ за да се расчисти случајот на Клиниката за онкологија и додаде дека криминалот мора да има име и презиме. Министерот вели дека откако тој е на челната позиција на Министерството, сѐ е отворено и транспарентно, а за другите рече дека не може да коментира.
– Сакам да ја информирам јавноста дека терапијата што сега се дава на Клиниката е соодветна и замолувам да не се шират невистини и да не се шири омраза, за што побрзо решавање на случајот. Сакам да ве уверам дека нашиот фокус останува на безбедноста и транспарентноста во врска со пациентите. Не можеме да се мешаме во предистражните постапки. Пред шест месеци, кога дојдов да бидам министер, кажав дека сѐ ќе биде транспарентно и одговорно. Цело време сме во комуникација и еден или двајца лекари не одлучувале за лековите за болните на Онкологија. Еднаш неделно има колегиум од експерти што одлучуваат кој да прима терапија. Не може да биде потранспарентно од ова, а за она што било пред мене, не знам и не можам да кажам – изјави тој.

Министерот ги повика сите засегнати лица, а и пациенти што имаат какви било сомнежи или сознанија во врска со лекувањето да се обратат до МЗ или надлежните институции.

Според последните информации, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејства за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, а во тој контекст информираат дека веќе се издадени соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите, како и дека истражните органи вршат распити на сите лица што имаат сознанија за противправни дејства.
– Основното јавно обвинителство-Скопје ќе формира тим од стручни лица што ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање сторители на кривични дела, презема и други дејства што во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста – информираат од Јавното обвинителство. Р.З.