(или од палеолитот и назад до машината)
Избирајќи ја науката наместо уметноста во трампата за душата со Мефистофел (ѓаволот), тој не прави ништо друго освен што, драг читателу, се одлучува за машината и технологијата, а не за музиката на Бетовен или за поезијата на Хелдерлин и Гете. Но сега доаѓа важното и судбинско прашање: дали технологијата со нејзината модерна и постмодерна експлозија му носи среќа или несреќа на човекот. А ги носи и двете, но модерниот homo tehnologicus технолошки залутан кон бескрајот на металните чуда на науката ги гледа само придобивките од неа, но не и штетите. Особено штетата од екстрамодерната безжична технологија, интернетот со мобилните и паметните телефони, технологијата што ја имаше предвид и ја дефинира во својот генијален ум и Тесла пред едно столетие, но тогашните негови американски спонзори не беа заинтересирани за неа. Повеќе ги сакаа ситните, но брзо профитабилни изуми на Едисон отколку блескавите футуристички визии на Србинот, кој, рака на срце, со своите пронајдоци ја подигна економијата на Америка на ента степен, која како благодарност на тоа му ја бомбардира (1990) татковината и создаде во нејзиниот митски предел нова држава. Итн.
Сеедно. Оваа екстрамодерна технологија, не само со градителски но и со уривачки elan vital, го направи својот прв катастрофичен удар врз мојот драг пријател Гутенберг. Книгата, едно од најдрагоцените божји нешта, највкусната духовна храна, за што сведочи и голтањето на светата господова книга на старозаветниот пророк Езекиел, отиде во аут, во контејнерите, за жал, на модерното цивилизациско ѓубриште. Така. Бев неодамна на посета на мои пријатели во Битола. Имаат три деца во осмолетка. Носев за нив од моите детски книги, бајки и поезија, една од нив е и во програмата за лектири, но на иронијата ѝ нема крај, си ги вратив дома, бидејќи сите три златни дечиња на моите пријатели на моето прашање дали сакаат да читаат без задршка кусо одговорија со не, и тоа пред нивните родители, кои беа рамнодушни на тој одговор. А јас бев вчудовиден, оти веќе знаев дека во овој контекст технологијата ја убила бајката, првообразецот на поезијата како што мисли Новалис, и чмаат негде во старите библиотеки замотани во мртовечкиот покров на пајажината браќата Грим, Андерсен, Афанасиев и Цепенков. Така, следствено на таквата состојба, и фантазијата на детската душа им отстапува место на бизарните содржини на интернетот, кои честопати имаат гол порнографски мирис. Мене, пак, драг читателу, ми е жал што интернетот го уби можеби најубавиот литературен жанр: епистоларниот. И не само во литературата туку и во комуникацијата на младите срца во нивните љубовни врски. Наеднаш исчезнаа љубовните писма што ги пишуваше со длабоки воздишки мојата романтичарска генерација. Денес младите љубовници пишуваат мејлови, куси технолошки писма во кои го нема нивниот автентичен ракопис. Или уште покусо, комуницираат со штурци и безвредни телефонски СМС во кои не се слуша отчукувањето на нивното заљубено срце. Просто човек да го стресе морбидната мисла: дали таа екстрамодерна технологија веќе и не ја погребала автентичната романтична љубов, сведувајќи ја на гола и без божји знак телесна еротика?
Така. Сето тоа навистина е жално, драг читателу. Сега, за жал, во таквата ситуација можеме да зборуваме за една планетарна технолошка генерација залутана бесцелно во лавиринтите на машината, а бикот, како што би рекол Албер Ками, го нема во лавиринтот, а тој е потребен како иницијациски лек на психата да се оствари во чинот на победата на својата патека на излез од темнината кон светлината. Тоа е доволно, пак, сега, драг читателу, да ѝ се вратиме потемелно на машината како архетипален симбол на технологијата. Така, таа била насетена уште пред нашата ера во интуицијата на нашиот предок, како пророчки предзнак на големиот технолошки настап (Sturm und Drang, како што би рекле антитехнолошките романтичари) и на длабоката временска перспектива, која Освалд Шпенглер му ја припишува како главна одлика – како нагон на западниот фаустовски човек, жеден за наука и технолошка авантура на умот. Умот, мозокот што, сепак, Готфрид Бен го смета за најголема несреќа на човекот. И можеби и ќе испадне во право на крајот. Затоа, имено, бегајќи од технологијата, тој и го предлага неговиот оригинален метод на регресивна трансценденција на враќање на човекот кон неговата несвесна праегзистенција, во слузта на претпотопските мочуришта.
Да. Но се враќаме на Шпенглер, кој на друг начин, иако не толку радикален, контактира со Бен, оти и неговата аверзија кон машината е слична. Тој за феноменот на машината како нов планетарен потоп по оној што го доживеал Ное говори во своето капитално дело со индикативен (за нас Македонците и прекрасен) наслов „Пропаста на Западот“. Неодамна повторно го препрочитував во два големи тома неговото монументално дело. Него зналците го сметаат за позитивист (матен поим) како што го сметаат за таков и Иполит Тен, сјаен детектор на архетипалните одлики на расите на човештвото, што се одразува, пред сè, во стилот и душата на нивните уметности, а не технологии, што е особено битно.
Да, да речеме позитивистичко, но мислата на Шпенглер има исклучителен метафизички звук. Тој пророчки, интуитивно го насети технолошкиот потоп што ќе дојде наскоро и во таа смисла го согледа длабински и демонскиот лик на машината. Вели дека човекот ја сака неа како некој вид „perpetuum mobile“ со кој таа ќе ја преземе семоќта од Бог. Непрестајно тие амбиции му подлегнуваат на искушението: ја изнудуваат од божеството тајната на силата да станат Бог. Тие ги наслушнувале законите на космичкиот ритам, за насила да го искористат и на тој начин ја создале идејата за машината како мал космос што ќе ја слушaа само волјата на човекот…“ А потоа Шпенглер ја дефинира машината и како „ѓаволска работа“. Таа произведува добро, но и зло. Оти и струјата на Тесла, на пример, произведува светлина и топлина за целото човештво, ама неа Американците ја искористија покрај за живот и за смрт со нивниот познат електричен стол со кој ги усмртуваа најтешките осуденици да седнат на него. Можеби во некоја од американските држави тој сè уште постои. А во контекст на тој феномен, германскиот филозоф го спомнува и Маркс, кој цели дека машината е „најопасен производ за граѓанството“, за на крајот да дојде до крунскиот заклучок дека „фаустовскиот човек (западниот м.з.) станал роб на својата творба“.
Едноставно, драг читателу, тука сега се отвора проблемот на неограничената моќ на машината, која во оваа екстратехнолошка епоха по Шпенглер и по парната локомотива на Џемс Ват ѝ бега на контролата на човекот, а тоа може да биде на крајот катастрофално по однос на него. На тој начин тука се отвора неминовно и темата на модерната технолошка апокалипса. Во неа мојот пријател Љупчо Коцарев, врвен познавач на вештачката интелигенција, технолошки утопист, не верува, но јас антиутопист верувам. Па всушност на свој начин биле тоа и луѓето на античкиот свет кај кои постои онаа deus ex machina или богомашина како што ја вика вештачката интелигенција Филип од која се исплаши и новиот папа во Рим, велејќи дека таа има претензии да го замени создателот. Во тој контекст и може да кажеме дека античката богомашина за која говорат и античките трагедии на Софокле, Есхил и Еврипид како за темно судбинско провидение на небото deus ex machina всушност далечен предок на постмодерната богомашина вештачката интелигенција.
И што е тука интересно? Тоа е, веќе рековме, пророчката интуиција на античкиот човек за надоаѓачкото време во длабока иднина на технолошката ера во која нивната имагинарна богомашина ќе стане стварна. Таа како идеја е начната со имагинарната игра на фантазијата на Мери Шели и нејзиниот Франкенштајн од гумени црева и испреплетени жици, првиот робот татко на роботиката во која ќе се стаса до најновото технолошко чудо вештачката интелигенција, која за некои е благодат, но за некои страв, наѕирајќи го нејзиното демонско лице. Така, пак, се враќаме на сомнежот на Шпенглер во неа како „ѓаволски изум“ во кој е заљубен западниот фаустовски човек, кој одамна копнеел по неа. Мери Шели, сопругата на англискиот романтичар Перси Биш Шели, го навести тоа со својот наивен Франкенштајн, замислен како човек машина – суштество што сега нема да работи на енергија како парната машина на Џејмс Ват или динамото на Тесла што произведува струја, туку, како и самиот негов творец, ќе работи на погонот на интелигенцијата, на енергијата на чистиот ум, за да му го олесни напорот на човечкиот мозок.
И тоа е основниот парадокс, оти сега со неа човекот не продава енергии, како што го правеле тоа Ват и Тесла, туку продава памет, која како што стојат работите треба да го зголеми капиталот. Од неа, пак, најголема корист ќе имаат корпорациите и капиталистите, но не и работничката класа, марксистички речено. Еден американски стручњак за неа рече дека први од неа ќе страдаат касиерките во продавниците, а јас веднаш си замислив каква катастрофа ќе биде тоа за сиротите касиерки сега во Скопје, кои со една скромна плата издржуваат цело семејство и кои „благодарение“, имено, на најновото технолошко чудо ќе станат лумперпролетери. И изгледа дека во еден или во друг облик, драг читателу, ќе се повтори оној познат лудизам кога по појавата на индустријата што ја замени манифактурата, работниците, кои ја сфатија безмилосната експлоатација на штотуку забревтаниот капитализам во Англија, ги кршеа машините, мислејќи дека тие, а не капиталистите се извор на нивната сиромаштија и несреќа. Така, а прашањето е кога и постмодерниот човек на оваа екстратехнолошка цивилизација ќе се побуни против машината, овој пат вештачката интелигенција, која, според сè, пак ќе му служи најмногу на капиталот. Така, оти човекот и малку од поодамна е до гуша заситен од технолошката цивилизација, која му ги уништи спокојот, илузиите и соништата за еден посреќен живот полн со онтолошка тишина, а не со бучавата на машината што го одделува и од бог, правејќи го како случаен артефакт и, според Дарвин, на некоја слепа еволуција како чедо на океанската чорба и рептилите на Галапагос. Едноставно, постмодерниот технолошки човек homo tehnologicus е како дијагноза во психолошка технолошка агонија, дури и без да е свесен за тоа.
Со таа тема на технолошка агонија, драг читателу, се занимавал како и јас во несоница и сјајниот германски поет на експресионизмот што ја зеде поетската штафета од Рилке, Готфрид Бен, кој рече дека мозокот е најголемата несреќа на човекот, имено и затоа што создал цивилизација по мера на Сатаната. И тој како поет по таквата дијагноза како лекар го предлага неговиот метод, кој ќе треба да го излечи човекот од тешките рани на цивилизацијата. Тука е регресивната трансценденција, која него, преку принципот на регресија, поминувајќи го животинскиот и растителниот свет, ќе го доведе најпосле до праматеријата – слузта на претпотопските мочуришта – за така, иако несвесно, да ја почувствува сета сласт на постоењето, далеку од шпекулациите на несреќниот мозок и технолошката цивилизација. Неверојатно оригинално, но, според нас, сепак далеку од шпекулациите за слепата еволуција без Бог на Дарвин. Така. И оваа дијагноза и трансцендентална визија на Готфрид Бен, драг читателу, сега во овој екстратехнолошки цивилизациски миг воленс-ноленс пак нè враќа на сè уште и од научниците (така мислам, пријателе Коцарев, потпрен на интуицијата) недоволно објаснето технолошко чудо, или во моја варијанта чудовиште, вештачката интелигенција. Таа е, како јас што ја гледам, еден вештачки когнитивен капацитет спакуван во алгоритми, нешто слично како што Планк во физиката ја спакува енергијата на атомот и материјата во енергетски пакети што тој ги нарече кванти. Така и ја отвори тој епохата на квантната физика, која одлично функционира во магичната формула на Ајнштајн: Е + МС2. Тука нему му ја потшепнал големата тајна и Господ.
Сепак работата е дојдена до тоа човекот да бара спас од технолошката апокалипса. Веројатно интуитивно и утопистичкиот крик на Достоевски „Убавината ќе го спаси светот“ е во таа насока, па и онаа на нашиот Рацин „Силно светнал ден“, а веќе рековме и радикалната на Бен регресивна трансценденција. А сè се тоа варијанти за спас на човекот од екстраагресивната технолошка цивилизација. Знам дека тука со мене не се согласува Љупчо Коцарев, кој е врвен зналец за вештачката интелигенција и визитинг-професор за таа област на два престижни кинески универзитета, но волен-ноленс во последната колумна од серијата на таа тема во „Нова Македонија“ под наслов „Митот и реалноста на технолошкиот сингуларитет“, имено, тој ја актуализира, и кај научните експерти за неа, мојата технолошка јанѕа. Сингуларитетот како што знаеме е енергијата на космичкиот магнет, на таканаречените црни дупки што голтаат во себе и цели соѕвездија. Тој космички закон, драг читателу, колку што знам, го откри и сјајно го дефинира генијалниот Стивен Хогинг. А сега тој закон од микрокосмосот се префрла на макрокосмосот на човечката судбина, сега парадоксално доведена во врска со вештачката интелигенција. Коцарев пишува: „Оваа пресвртница е замислена како појава на вештачка општа интелигенција која ќе ја надмине човечката когнитивна способност“. Во неговиот текст се дадени мислењата на некои научници за тој феномен што следува наскоро. Некои од нив се оптимисти (утописти), а некои песимисти (антиутописти). Јас им припаѓам на овие вториве, драг читателу. И тука пак се враќаме на пророкот Шпенглер, кој рече дека човекот станал роб на својата творба. Така, и тој воленс-ноленс ќе бара начин да се ослободи од таа своја фатална стапица како побунетиот роб на Микеланџело, кој се побунил против антихуманата цивилизација во сите нејзини облици на угнетување на човекот, макар тоа биле и научни, но демонски мирис од кои профитира некоја јасна, но сепак метафизичка елита, а универзалниот човек е исфрлен надвор од орбитата. Nokturno. De profundis. Memento mori.
Крај
































