Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган во изјавата за грчкиот весник „Катимерини“ изразил желба, по изборите во двете земји да започне нова ера во грчко – турските односи, јави дописничката на МИА од Атина.
На само неколку дена пред претседателските избори во Турција, Ердоган преку весникот упатил порака на пријателство до Грција.
-Со Грција можеме да ги оставиме настрана непријателствата и ривалствата, тоа многу им наштети на двете земји и не смее да продолжи. Посакувам изборите и во Грција и во Турција да станат почеток на нова ера. Ние од Турција ги испраќаме нашите срдечни пријателски поздрави до Грција – рекол Ердоган.
Паралелно, турскиот претседател изразил уверување дека ќе победи на изборите и рекол дека „собирите на плоштадите го покажуваат тоа“, додека пак неговите соработници за весникот потенцирале дека изборите најверојатно ќе бидат јасни уште од првиот круг.
Претседателските избори во Турција ќе се одржат в недела, а седум дена подоцна, на 21 мај Грците ќе гласаат на парламентарни избори.