Фото: МИА

Собраниската Комисија за европски прашања втор ден расправа за Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за работни односи, по скратена постапка и со европско знаменце. Расправата ќе продолжи по редовната пауза од еден час.

Велика Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека измените се неприфатливи бидејќи не се во согласност со Конвенцијата за дискриминација број 111 на Меѓународната организација на трудот и претставуваат нееднакво постапување кон одредена група на вработени.

-Самиот начин на носење мора да се спроведе преку социјален дијалог на ниво на Економско-социјалниот совет, мора да се изјаснат синдикатите за оваа измена, бидејќи ќе значи помали права на работниците, ќе се злоупотребува пишаната согласност од вработените како што е пракса во други слични случаи за други права во Законот за работни односи – рече Серафимовска.

Нејзиниот сопартиец Тони Јаревски истакна дека нема никаква основа законското решение да се носи со европско знаменце.

-Не газите со тоа врз нас и граѓаните, си гасите врз самите себеси – рече Јаревски и додаде дека смета оти се преминуваат сите граници, а за тоа, како што кажа, е гласна и меѓународната заедница.

Во реплика Мартин Костовски од СДСМ рече дека станува збор за историски најголем проект со кој за четири години и седум месеци треба да се изградат 110 километри нови автопати.

-За да донесуваш историски одлуки треба да имаш храброст и треба да имаш визија – рече Костовски.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека веќе има изјава од евроамбасадорот Дејвид Гир дека се злоупотребува европското знаменце со измените на законите потребни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите, а претходно, како што кажа, имаше и пишана изјава од Делегацијата за тоа.

-Вчера имавте можност австриската делегација истото да ви го каже и нема никаква реакција од владејачкото мнозинство. Ова што го правите е само озаконување на криминалот – рече Ковачки.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ порача дека ќе дојде време кога јавно ќе биде објавен договорот со „Бехтел и Енка“ и кога ќе одговараат сите што ги потпишале измените на законските решенија со европско знаменце и оние што ќе гласаат за закони кои се во спротивност со одлуката на Уставниот суд.

-Граѓаните ќе треба да плаќаат за грабежот на векот со кој ги кршите работничките права и ќе увезувате работна сила од странство зашто работната сила во Македонија се подготвува да ја напушти земјата. Ќе ве потрпиме уште малку, но главната поента е дека ќе одговарате – рече Ласовска.