ПРОКОПИЕВ ВО САРАЕВО

Во пролетта 1939 година, кога Иво Андриќ е назначен за вонреден ополномоштеник во југословенската амбасада во Берлин, Трајко Прокопиев е избран, меѓу 18 кандидати, на конкурсот за хороводител на сараевскиот мешан хор „Слога“ и хонорарен наставник во православната богословија.
Тие денови, со масовна еуфорија, во Германија е прославен роденденот на Хитлер, а италијанската армија се истоварува на албанскиот брег.
Хорот „Слога“ под раководството на Прокопиев одржува во Сараево неколку успешни „стилски богати концерти“, како што пишуваат тогашните критички одгласи, а младиот диригент е пофален како „уметник со голема перспектива“, кој го води хорот многу усогласено. Во „Југословенски лист“, според рецензентот: „… Хорот што инаку стои на високо уметничко ниво, пееше сочно и звучно… Успешно остварената рамнотежа меѓу гласовните групи, резултираше со успешни динамични ефекти…“.
Наспроти темните закани за блиска светска војна, Прокопиев продолжи со постојани проби и концерти, на кои почна да се изведуваат и неговите композиции „Жиглиговки 1 и 2“, кои подоцна ќе ги преименува во „Кумановки“. Ги пишува „Жиглиговки 3“. „Втората херувимска песна“, машкиот хор „Дена“.
Во меѓувреме, Германија ја напаѓа и окупира Полска (на први септември 1939, со што „официјално“ почнува Втората светска војна).
Меѓу хористките на „Слога“ се издвојува, по својата убавина, става, но и (пре)силен алт, Ангелина од познатото сараевско семејство Капор. Г-ца Капор имаше завршено учителска школа, а работеше како службеничка во Аграрна банка.
– На една од пробите – се сеќаваше Прокопиев – кога дадов знак за почеток, во алтовската делница, чув едно крешендо што ме изненади, па прашав: Кој ве научи така? А таа, Ангелина, се јави од името на алтовите и ми рече: Ние така пеевме кај господинот Оскар Данон. И така, во тој миг, погледите ни се сретнаа, очите ѝ беа светкави…“.
Светската војна беснее низ Европа – блицкриговите на дисциплинираната армија на Вермахтот се ефикасни во капитулациите на Холандија, Норвешка,Франција…
Трајко е мобилизиран, ден пред да замине како воен телеграфист, се жени во Скопје со Ангелина, која веднаш се враќа во Сараево. Следуваат бомбардирањата на Скопје и Сараево, заробувањето на Трајко од Германците во околината на Дебар, па неговото пуштање, окупацијата на Македонија. Прокопиев успева да стигне до жена си во Сараево, кое веќе беше во состав на НДХ, некако да ја извади од градот и заедно да се вратат назад, во Скопје.
– Да не избувнеше војната – имаше обичај да ни каже кога ќе дојдеше кај нас, во Алжирска 1 – веројатно кариерата ќе ја продолжев во Сараево, веќе се стекнав со добри позиции, станав популарен и ценет, и мојот животен пат секако ќе беше поинаков од овој…
Ангелина Прокопиева беше омилена наставничка по македонски и литература во основното училиште „29 Ноември“ (денес „Војдан Чернодрински“), каде што учеа моите ќерки.
Трајко Прокопиев (1909), познат македонски композитор на класична музика (женски, машки и мешани хорски песни, духовна музика, камерни композиции, песни за глас и пијано, балет, опера), диригент, автор на филмска музика и мој чичко, прв братучед на татко ми, почина во 1979-та, годината кога Тито, во елегантниот бел костум, на шестата конференција на Неврзаните во Хавана, на својот последен меѓународен настап, впечатливо го отвори самитот, бранејќи го движењето од радикалност. Кастро беше еден од ретките државници што следната година не дојдоа на погребот на југословенскиот доживотен претседател.