Коле Манев

Овде мислиш да седнеме, на ова клупа, ме праша колегата Мишо. Што има лошо ако седнеме овде, клупата e чиста и имаме убав видик кон главната улица од центарот на градот, ако имаш некоја друга, посодржајна идеја, кажи. Во право си, клупата не е валкана и погледот кон кафулињата од улицата исто е одличен, но тоа што не чини се дрвените гредички од клупата, иако пред не знам колку време се поминати со боја, сепак вчера врнеше, па сега изгледаат дека се суви, но во суштина внатре дрвото сѐ уште е влажно и ако овде седнеме за кратко време влагата ќе влезе во нас и плус овде дувка студено ветерче, мислам дека го чувствуваш и ти, ме разбираш? Запамети, влага и студено ветерче се една од најлошите комбинации за сечие здравје, неодамна бев на бања и лекарот ми спомена од влага и студено ветерче да бегам како од ѓавол! Од тие причини ова не е место на кое треба да седнеме за да ти се исповедам.
Од кога си набил толку стравови и фрустрации, те ветерче, па влага, за првпат таков те гледам. И каде да одиме, на кое друго место можеме да седнеме за да останеме суви? Има многу места, продолжи Мишо, еве, таму на таа тераса има неколку маси околу нив цвеќенца… Каде точно не те разбрав, возвратив, бидејќи на многу места има секакви цвеќиња. Прашуваш каде точно? Ете, таму каде што пишува „Инглиш бар“ ќе си седнеме, таму ќе си порачаме пијалак дури и пишува „Ред анд уајт уаин“, ќе размениме збор-два, знаеш, одамна не сме се виделе. Добро, ќе разговараме, но ако добро те разбрав, ќе седнеме таму каде што пишува „Инглиш бар“, не покрај масичките каде што е забележено „Боттони-Бонатти“, бидејќи и кај „Боттони“ пишува „ред уаин“ и таму има цвеќиња покрај масите и тоа ме збунува! Ма, каков боттони-моттони, ќе седнеме во „Инглиш бар“, всушност ако сакаш може и кај Бонатти или Боттони, гледаш, и очите ми ослабеа, влагата удира на сите страни. Значи ти одбери, каде сакаш таму ќе седнеме, бива, нели?
Овој разговор го правевме со пријателот и колега Мишо пред да седнеме покрај една масичка од тераса на улица од центарот на Скопје, која имаше најмногу цвеќиња. Келнерот дојде, Мишо порача зелен чај, јас зедов капучино и цеден портокал. За што сакаше да разговараме, односно да се исповедаш, го прашав Мишо? Не сакав туку сакам да разговараме, иако не си свештено лице сакам да се исповедам, за што, за тоа што ни се случува, не ти се чини дека живееме во иреална и небулозна состојба? Слушај што ми се случи пред да дојдам овде, каде што се договоривме да се најдеме. Во трговскиот центар прашав еден господин каде можам да купам весник, обичен весник. Господинот со раката покажа кон дел од просторот и ми рече: Кај „Дасо-дуки“ ќе свртите лево, таму се „Азиа-еуро“ и „Дисел мак“, до нив се наоѓа „Шоп-топ“, тие продаваат весници. Кога господинот ми го кажуваше тоа мислев дека ми зборува кинески или на некој јазик за кој првпат слушам! И купи весник, го прашав Мишо? Не, весниците беа продадени, на враќање ги броев натписите на фирмите поставени во трговскиот центар, дали ќе ми веруваш, само десет отсто се со кирилица и на македонски јазик, сѐ друго е „Шоуз фор мен“, потоа „Шоуз фор вумен“, „Ексклузив колекшн“, „Фашион“, „Таимлес“ или „Вита-бела“ како да во Скопје врие од странци.

Скопје, главен град на Република Македонија, не можам да го препознам! Си велам ова сами си го правиме или некој нѐ има маѓепсано и се однесуваме вака несериозно, ти што мислиш? Дали помина покрај „Сити галери“ и дали знаеш кое име го имаше таа стоковна куќа порано, го запрашав Мишо. Сегашнава „Сити галери“ мислам дека носеше име „Народен магазин“ (На-Ма) прекрасно име, зошто го сменија не знам, можеби им личеше малку на социјалистички, а ние нели се трудиме да изградиме современ капитализам. Дури си велам одејќи кон ЕУ со кирилица можеби не сме добро видени, па некој сака нашето писмо да го стави под тепих. Често си поставувам вакви прашања бидејќи друго објаснување немам. Ако одиш кон едната страна на градот ќе те пречека „Сити мол“, ако тргнеш кон другата страна на стража е новиот „Ист геит“, дури во трговскиот центар видов една реклама на која со големи букви пишува „Греит Скопје“, веројатно, се однесува на новите згради што се градат на поранешниот паркинг-простор спроти „Холидеј ин“ и види како помпезно звучи „Греит Скопје“!
Колега Мишо, постојат разни начини за разнебитување на еден народ, овој за кој зборуваме, за јазикот е еден од нив. Можеш да замислиш на амблемот, на заштитниот знак на градот, „Камен мост“, и нему му најдоа решение, му накалемија Стоун бриџ. Во многу општини од државава прво е напишано на албански потоа на македонски, а треба прво на македонски, или често македонскиот јазик го нема.
За ваквата небулозна состојба не се виновни ниту соседите ниту тие од ЕУ, не се виновни Макрон, Шулц, Бајден, Путин или Трамп, вината е во нас самите бидејќи наместо политичари имаме и нѐ водат уличари. Мајстори се да нѐ изложуваат на студени ветришта и да нѐ напикаат во длабока влага за кои и самиот велиш дека се штетни за сѐ и за секого.

Решение, ме праша Мишо. Решенија има, ако дојдам во град и го оставам возилото на погрешно место ќе дојде пајак, ќе го дигне и кога ќе одам да го земам ќе треба да платам, бидејќи кога го оставив возилото на погрешно место направив сообраќаен прекршок.
Сосема случајно, во една фиока од моето ателје најдов еден билтен насловен „Фирмите во Република Македонија од јазична гледна точка“, издаден во 2000 година, напишан од господинот Томислав Треневски и во точка четири пишува: „Како што е познато, во поглед на имињата на фирмите кај нас е карактеристичен големиот број фирми на други јазици напишани со туѓо писмо. Тоа значи дека се тие во расчекор со Уставот на Република Македонија и со Законот за употребата на македонскиот јазик“.
Колега Мишо, тоа е едно решение, опомена, потоа и казна за секој што ги крши и не ги почитува законите, едноставно, нели? И уште нешто, пред повеќе од сто години нашиот сонародник Крсте Петков Мисирков има речено и напишано: „Милоста кон народнијо јазик јест наш долг и наше право“.
Колега Мишо, по разговорот, по исповедта, дали малку ти олесна?