Тројца малолетници и 19-годишник попладнево биле приведени во Мала Речица откако претходно со украдено возило не запреле на полициските наредби, по што оштетиле две полициски возила и повредиле тројца полицајци. Четворицата млади луѓе на крај во Мала Речица удриле со нивното возило во бандера.
– Полициски службеници на СВР Тетово денеска околу 16 часот и 20 минути во близина на угостителски објект во тетовска Мала Речица ги лишиле од слобода Ј.Ј.(19) од Тетово и тројца малолетници од Тетово и селата Ларце и Непроштено. Лишените лица десетина минути пред тоа биле забележани на локалниот пат Палчиште-Камењане како се движат со противправно одземеното возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на државна институција, а пријавено вчера. Тие во два наврати се оглушиле на наредбите на полициските службеници да застанат и притоа оштетиле две полициски возила и повредиле тројца полициски службеници на СВР Тетово, по што удриле во дрвена бандера – информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Четворицата се задржани во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, додека полициските службеници на СВР Тетово пренесени се во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош.