Повеќе од потребна е обновата на влажните живеалишта и таа треба да зема примат во сите делови од Преспа
Од поодамна влажните живеалишта во преспанското сливно подрачје важат за прибежиште за биолошката разновидност, играјќи и клучна улога за добросостојбата на локалните заедници што низ вековите се развиваат покрај нив. Долготрајните суши, намалените врнежи, со последователното влијание врз водните ресурси, како и видното намалување на водостојот, особено кај Големото Преспанско Езеро, се само дел во низата последици од климатската криза, која во преспанскиот слив зема сè поголем замав. Климатските промени во преспанскиот слив се особено одразени во динамичните влажни екосистеми, а во едно влажно живеалиште тие може драматично да го видоизменат растителниот свет, функцијата, но и екосистемските услуги со кои тоа располага, т.е. придобивките што луѓето ги имаат од езерата и од влажните живеалишта. Со проширувањето на појасот од трска и намалувањето на влажните ливади се стеснуваат мрестилиштата за рибите, а тоа на долг рок може силно да го погоди рибарството. Без евловиот крајбрежен појас ќе ја снема заштитата од ерозија и поплави, нутриентите што се одлеваат од земјоделските површини нема да се филтрираат, а нови вакви живеалишта ќе има сè помалку. Ако пресушат влажните живеалишта, водоземците ќе ги загубат своите репродуктивни јадра и со тоа ќе загубиме важен регулатор на штетници (како комарци и други инсекти).
Истражување на најважните притисоци и закани
Повеќе од потребна е обновата на влажните живеалишта и таа треба да зема примат во сите делови од Преспа. Осврнувајќи се на уништувањето околу двете езера во Преспа, организациите од Преспанет создадоа прекугранична карта на влажните живеалишта. Картирањето, спроведено според насоките од Директивата за живеалишта на ЕУ, се заврши во 2021 г. и откри опсежен мозаик од живеалишта, и тоа 13 приоритетни живеалишта со еколошка вредност, од кои седум се среќаваат во трите земји. Придружно се евидентираа притисоците и заканите по нивниот интегритет и функции, особено во врска со опаѓачкиот водостој и долгогодишната суша поради климатската криза.
Ова истражување на најважните притисоци и закани, прво од ваков тип, понуди насоки со кои ќе се конципираат соодветни предлози за реставрација, а на организациите од Преспанет ќе им овозможат насочено дејствување, локално, околу самото влажно живеалиште.
МЕД, дома и прекугранично, беше пионер во обновата на евлови шуми, како приоритетно живеалиште од ЕУ, и тоа во паркот на природата Езерани. Досега во рамките на подрачјето е реставрирана површина од 0,8 ha, со засадување 1.000 садници, а притоа уште 2.000 садници беа произведени во соработка со локалниот расадник на јавното претпријатие „Национални шуми“ во Асамати. Од 2021 г. МЕД ја следи динамиката на крајбрежните живеалишта и на заканите со кои се соочуваат, фокусирајќи се на можниот премин на влажните живеалишта во суви и на проширувањето на земјоделските површини.
Светски ден на водните живеалишта
Најпосле, МЕД во ПП Езерани спроведе и пилот-активности за управување со влажни ливади на површина над 10 ha, а притоа од полза ќе бидат и активностите за истражување и мониторинг на еколошките функции, особено за квалитетот на водата и намалениот водостој. Обновата на влажните живеалишта низ преспанскиот слив нуди поголема полза, односно така се влијае позитивно врз месното население од прекуграничното подрачје. Со управување на влажните ливади и други крајбрежни живеалишта може да се произведе значително количество крма и да се одржува напасувањето на стоката. Се очекува дека од обновата на евловите шуми полза ќе има месното население, и тоа поради контролата на поплави и ерозија, а во примерот со ПП Езерани, се покажа дека подигањето садници преку поддршка и ангажирање на локалните расадници нуди можност за вработување, а тоа во иднина може да го подобри животниот стандард на месното население.
Светскиот ден на водните живеалишта е всушност датумот на усвојување на конвенцијата за водните живеалишта во 1971 година, во иранскиот град Рамсар. Најважниот меѓународен договор за заштита на водните живеалишта е Рамсарската конвенција. Целта на прогласување на рамсарските подрачја е да се зачуваат и мудро користат сите водни живеалиште преку активности што се преземаат и на локално и на национално ниво, како и преку меѓународна соработка. Преспанско Езеро е прво рамсарско подрачје во Македонија. Република Македонија го предложи Преспанско Езеро со неговите водни површини имајќи ја предвид важноста на овој 2-3 милиони години стар екосистем, кој продолжува да обезбедува добра и услуги за луѓето.
Речиси 90 отсто од светските влажни живеалишта се деградирани од 1700 година и овие хабитати се губат речиси трипати повеќе од шумите.