Новиот терминал на меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк наскоро делумно ќе се напојува со микромрежа, која наедно ќе биде најголемиот соларен систем во градот.
Новиот проект се состои од микромрежа што ќе генерира 11,34 мегавати електрична енергија од соларни горивни ќелии и батерии на покривот. Проектот ќе вклучува и систем што ќе ја задржува топлината од горивните ќелии за загревање или за ладење вода. Иницијативата ќе биде предводена од „Алфастракчр“, која претставува соработка и заедничко вложување помеѓу приватната инвестициска компанија „Карлајл груп“ и француската „Шнајдер електрик“.
– Решавањето на нашиот енергетски предизвик се сведува на три работи, електрификација, дигитализација и декарбонизација со добивање повеќе електрична енергија од обновливи извори. Микромрежите се клучни за постигнување на сето ова – рече Анет Клејтон, извршна директорка на „Шнајдер електрик“ за Северна Америка.
Кога ќе биде завршен, новиот електроенергетски систем ќе се состои од повеќе од 13.000 соларни панели, што ќе го прави најголемиот во Њујорк и на кој било американски аеродромски терминал.
Во однос на производството на енергија, ќе произведе приближно доволно енергија за напојување на 3.570 американски домаќинства за една година. Ќе се состои од многу меѓусебно поврзани „острови“, кои ќе содржат горивни ќелии и батерии за складирање енергија. Целиот систем од три „острови“ треба да биде завршен до 2026 година, а последниот ќе профункционира во 2029 година.
Сето ова значи дека „Њу терминал уан“ ќе може да функционира независно од електричната мрежа на градот за време на итни ситуации, кои вклучуваат прекин на електричната енергија.
Во однос на јаглеродниот отпечаток, системот се очекува да произведе 38 отсто помалку емисии на стакленички гасови и да ги намали емисиите на азотни оксиди за 98 отсто. Засега горивните ќелии ќе користат природен гас, но се компатибилни и со почисти горива како што е водородот. Инаку, новиот терминал е дизајниран да го подобри искуството на патниците и ќе биде еден од најнапредните во светот.