„Њујорк тајмс“ објави истражување на МИТ. Кои држави го зголемиле увозот на руски производи од почетокот на војната меѓу Русија и НАТО во Украина. Индија 310%, Турција 198%, Бразил 106%, Кина 64%, Шпанија 57%, Саудиска Арабија 36%, Холандија 32%, Јапонија 16%, Норвешка 16%. А каде е Нордистан? Тоа се запрашав. Увезува и Нордистан, ми одговори безумниот апсурд, во последниот квартал увозот на антируска хистерија е зголемен за 100%.
Власта откри руски влијанија. Потоа посочи дека имаме опозиција финансирана од руски пари. Па, спомнаа муабет за уфрлени Руси кои сакаат да ни се пикнат во ум, под кожа и среде постела. На крајот, истата таа власт обвини дека има и проруски портали. Тоа е отприлика 80% антируска хистерија.
Добро, ама како стигнавме до тие 100%? Е па, се јави Тимчо Муцунски и откри дека и власта финансира проруски портали. Десет пати ја прочитав пласираната информација во проамериканскиот портал. Потоа отворив „Руски стандард“ и акнав три чаши една по друга. Повторно ја прочитав веста. А ха… океј… власт… проруски медиуми… Го рокнав Висоцки и почнав да размислувам.
Низ Нордистан роварат уфрлени руски агенти. Шират руска пропаганда. Дипломати од руската амбасада ги полнат со руско влијание оние пластични заебанции за прскање цвеќиња и со нив го трујат нордистанскиот евроатлантски воздух. Опозиционери и нивни медиуми се финансираат со црни руски пари, а не со бел американски кеш. Сето тоа ни го откри власта. Еве сега дознавме дека и таа власт си има свои проруски портали. Мавам уште две чаши „Руски стандард“ и започнувам со носење заклучоци.
Ние сме под руска окупација. Десно Распутин, лево Путин. Во средина маса на која стварноста игра руски рулет со мојата евроатлантска иднина. На улица во секој миг можам да налетам на уфрлени руски агенти. И кога дишам, најверојатно вдишувам руска пропаганда. Ако сакам да ја поддржам опозицијата, му давам поддршка на Распутин. Ако ми е океј власта, во пакт сум со Путин. Што и да слушнам или прочитам во медиумите е под руско влијание.
А ха, сега ми е јасно зошто не следам нордистански медиуми. Затоа не бев информиран дека некоја будала праќа имејл-пораки по школи со закани за бомби. Ама сега дознав, откако уапсија и малтретираа невин човек. Кој, патем, немал баш убаво мислење за оваа блескава нордистанска власт. А зошто го уапсиле? Па, ете, „бомбашот“ во една од своите пораки ги ставил токму неговото име и презиме, ама и телефонскиот број. Што е секако нормално кога „подметнуваш бомби“ преку интернет. Оставаш лични податоци, ставаш стори на Инстаграм, видео на Фејсбук, Тикток и „бомбхаб“, им раскажуваш на роднините, соседите и пријателите. Сето тоа МВР, по напорна и комплексна истрага, го прибира како доказен материјал, интелектуалната бижутерија вришти дека треба да те запалат, обвинителство брзо-брзо ти склопува обвинение за школски тероризам финансиран од руски агенти, што секако е посведочено од двајца сведоџи, еден нинџа и една транџа, кои уште во детството те слушале како шепотиш на руски дека сакаш да подметнуваш лажни бомби, па судот, по кратка постапка, те суди на петнаесет години затвор.
Нека ми прости Никола за мојот цинизам, сигурен сум дека минал низ ужасни моменти на малтретирање и понижување, при што секако му е нарушен и углед и здравје, фала му на Бога што е на слобода, иако не требаше ништо од ова да му се случи, ама јас не знам како поинаку да се справам со ова безумие во кое живееме, освен да бегам во прегратките на иронијата, цинизмот и гротеската.
Затоа, еве идеја за сајберпанк гротеска.
Светот е поделен на два блока. Отаде ѕидот се оние одвратни Руси, Кинези, Индијци и останати нецивилизирани народи. Живеат во дистопија. За разлика од нив, ние тука на Запад, живееме во истопија. Кај нас сè е исто. Сите сме здрави, убави, паметни, богати, среќни и чипирани со чипот за исто размислување, прогресивно и модерно. Но, во еден момент, среде малата рајска градина Нордистан, се случува чуден инцидент. За откривање инциденти постојат специјализирани забари наречени инцидентисти. Еден таков познат инцидентист, во забот на млад и чуден нордистанец кој некако не се вклопува во истопијата на општеството, открива микроскопски предавател преку кој озлогласената руска медиумска куќа „Њетфликс“, испраќа вознемирувачки вибрации на територијата на Нордистан со намера да ја дестабилизира хармонијата во океанот убавина. Алармот е вклучен.
Во Нордистан веднаш доаѓа високата претставничка за чипирање и антируска хистерија, познатата чиплидерка Урсулета од Ѕевропа, која се прослави со откритието дека Русите користат чипови од пегли и вибратори, по што беше јасно дека Русија е пропадната приказна. Урсулета од Ѕевропа веднаш го посети нордистанскиот спарламент каде спарламентарците ја пречекаа во своите џакузија. Урсулета изврши проверка на нивните чипови преку вербален сајбер протокол, така што спарламентарците ги нарече нордистанци (на чист англиски, нортмаседонијанс) и бидејќи никој од нив не реагираше, чиплидерката заклучи дека се нормални. Потоа заедно донесоа одлука, младиот чуден нордистанец кој одбива да ја прифати истопијата како уредување, а има руски предавател во забот преку кој се емитува „Њетфликс“, да и биде предаден на елитистичката каста на интелектуалната бижутерија за тие да го жртвуваат среде ритуал наречен „Ботовите принесуваат жртва на боговите“.
Заплетот започнува кога ноќта, од својата хотелска соба исчезнува Урсулета од Ѕевропа, затоа што нордистанската фолиција наместо да ја чува чиплидерката, се фолира околу некој лик што подметнува лажни бомби низ чипилиштата, ама не можат да го фатат бидејќи не остава име и презиме кога ја крева паниката. Одговорноста за киднапирањето на Урсулета ја презема подземна организација наречена „Алхемичарите од Македонија“, предводена од лик со кодно име Мелкијадес (подоцна ќе се открие дека е млада жена), кои се борат за промена на името Нордистан во Македонија, тврдејќи дека таканаречените западни богови извршиле идентитетски геноцид врз Македонците, инаку, според истописката филозофија, измислен народ. За Урсулета да биде спасена, во Нордистан е испратен врвниот британски агент, лејди Лизтрас Џемсбонд. И така започнува комплетно лудило. Оваа сајберпанк гротеска има и љубовна хетеросексуална лезбејска приказна помеѓу непријателките Лизтрас Џемсбонд и Мелкијадес, која, патем, ќе мора да смени пол и да стане маж за да не биде откриена.