Хеунг-мин стана првиот играч на Тотенхем што постигнал хет-трик во Премиер-лигата влегувајќи во игра од клупата за резерви, а клубот од Лондон и понатаму е непоразен сезонава
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Сон Хеунг-мин од Јужна Кореја, напаѓач на Тотенхем, ја прекина „голгетерската суша“ сезонава (немаше постигнато гол на осум меча во сите натпреварувања) со хет-трикот (три гола) во период од само 14 минути (од 73 до 86-та), на мечот против Лестер, 6-2, во меч од англиската фудбалска Премиер-лига. Тој стана првиот играч на Тотенхем што постигнал хет-трик во Премиер-лигата влегувајќи во игра од клупата за резерви (во 59. минута).
– Кога имам фудбалер на такво ниво на клупата за резерви, значи дека во еден момент можам да ја сменам играта. На овој меч ротацијата беше за Сон, но понатаму, кога ќе имаме 12 натпревари по ред, ќе бидат вклучени и други играчи. Ако сакате да играте големи натпревари во Премиер-лигата и во Лигата на шампионите, играчите треба да почнат да разбираат дека ротацијата е многу важна – изјави менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте.
Тотенхем и понатаму е непоразен сезонава и по оваа победа има 17 бода, колку што има и Манчестер сити. Тие 17 бода се најдобар ефект на Тотенхем, идентичен на оној од сезоната 2016/2017, кога на крајот беа втори, зад Челси, тогаш предводен од Конте.
Првпат по победата над Виган со 9-1, пред 13 години, Тотенхем постигна шест гола на домашен натпревар во Премиер-лигата. Тотенхем постигна повеќе голови со глава од која било друга екипа во Премиер-лигата сезонава, седум на седум натпревари, само еден помалку отколку во целата сезона 2021/2022.
Лестер, пак, нема победа на првите седум меча, првпат по сезоната 1983/1984 и е на дното табелата, со само еден освоен бод од можните 21, а прими и најмногу голови по седумте кола, 22 (постигна 10). Л.Д.