Фото: Архива

Токму поради овие длабокостратегиски причини, исклучително е важно Македонија, покрај политичката независност, да обезбеди и енергетска независност за своите граѓани, но уште повеќе и за сопствената економија, која сега е исправена пред сериозни предизвици како да ја преживее оваа енергетска криза

Државата да не крева раце од инвестирањето во нови енергетски капацитети во земјава

Македонија пред нешто повеќе од една недела одбележи 31 година политичка независност, но ниту по три децении не успеа да постигне енергетска независност, која во овие турбулентни времиња станува сè поважна.
Европа сега врз своја кожа најдобро ги чувствува последиците од зависноста од надворешните ресурсни енергенти, а истото тоа ќе се случи и со Македонија ако продолжи да ги занемарува сопствените енергетски капацитети и сè повеќе да се потпира на соседните земји.
Премиерот Димитар Ковачевски пред некој ден беше во Атина, каде што со грчките власти договори испорака на јаглен за земјава, но станало збор и за грчкиот интерес за изградба на гасна централа во земјава, како и за реализација на долгонајавуваниот проект „Чебрен“.
Додека се чека гасното поврзување со терминалот во Александрополус, Македонија засега единствената гасна конекција ја има со Бугарија, а затегнатите односи меѓу Москва и Софија би можеле да го проблематизираат и снабдувањето со гас на земјава.
Токму поради овие длабокостратегиски причини, исклучително е важно Македонија, покрај политичката независност, да обезбеди и енергетска независност за своите граѓани, но уште повеќе и за сопствената економија, која е исправена пред сериозни предизвици како да ја преживее оваа енергетска криза.
Еден од оние што долго ја заговара оваа теза е професорот и енергетичар Константин Димитров, според кого земјава мора да инсистира да инвестира исклучиво во домашни енергетски капацитети, наместо да купува удели во капацитетите во соседството.
– Веќе втора година јавно се спротивставувам на предлогот да се инвестираат 200 милиони евра, односно како Македонија со една четвртина да учествуваме во изградба на термоцентралата во Александрополус, од која 200 мегавати би биле за нас. Тие пари што таму ги даваме се без никаков економски и финансиски резон или, едноставно кажано, тоа е злосторство за македонската енергетика. Лично сум против какви било инвестиции во изградба на објекти надвор од Македонија. Сè што се гради надвор од земјава не е наше, само плаќаме право да купуваме струја – вели Димитров.
Тој се противи и на досегашната практика да им се даваат концесии на приватници што ги добиваат најубавите локации, а електричната енергија ја продаваат на берза, со што државата ништо не добива.

– Категорично сум против концесиите каде што ние даваме земја, некој ги добива најубавите локации во земјава, гради и од тоа дебело профитира. Сите ветерни централи се на приватници, исто и сончевите централи, државата не може да влијае на цената, не може да инсистира електричната енергија да биде социјална категорија и државно добро, туку тоа е приватна сопственост што се продава на берзата. Тоа е истата ситуација како со „Те-то“, приватна компанија што си продава струја на берза. Станува збор за некои други интереси – потенцира професорот Димитров.
Според него, Македонија нема капацитет да ги задоволи потребите од електрична енергија дури и да ги активира сите капацитети да работат со полна сила, а бидејќи е без јаглен, нафта и гас, единствено на што може да се потпре се ветерот и сонцето.
– Акумулациите се празни, термоцентралите не се во кондиција, значи не можат да произведат толку колку што трошиме, односно колку што ни треба. На годишно ниво ни се потребни околу 7.200 гигават-часа за задоволување на домашните потреби, а ние не произведуваме ни еден дел, не можеме ни да ги стигнеме тие 6.000 што некогаш ги произведувавме. Затоа треба да се градат нови државни капацитети, на најдобрите локации што ги имаме, било да се работи за ветерни, било за сончеви централи – истакнува Димитров.
Тој смета дека „Чебрен“ и „Галиште“ треба да се изградат со македонски пари, да не се дозволува и тука да влезат приватни инвеститори.
– Сметам дека Македонија треба да ги направи „Чебрен“ и „Галиште“ од сопствени средства, едното за производство на енергија, а другото за да управува со ресурсот вода. Инаку, ако го направат Грците, тие ќе ја трошат и црпат водата за да произведат електрична енергија што ќе ја продаваат по берзански цени. И тие 700 милиони евра, колку што се потребни за реализација на овој проект, ако се има предвид дека ќе се гради шест-седум години, можеме да ги обезбедиме така што секоја година ќе се вложуваат по 100 милиони евра, што реално не е многу за државата. Еве, нека отворат јавен повик со обврзници, убеден сум дека голем број граѓани ќе инвестираат за да бидат акционери и, што е најважно, овој капацитет ќе биде македонска фирма, која обезбедува наводнување, по десет години ќе обезбеди и вода за пиење, а покрај тоа ќе произведува и електрична енергија – појаснува Димитров.
Според него, нема никаква инвестиција во терминалот за течен гас во Грција, бидејќи таквиот енергент ќе ја чини земјава многу поскапо.

– Нема резон да се инвестира во термоцентралата во Грција. Подобро е да купиме гас од Азербејџан отколку да купуваме втечнет гас. Тоа дупло ќе нè чини. Наместо да инвестираме 200 милиони евра во терминалот во Грција, со истите пари можевме тука да направиме една централа од 200 мегавати со наши вработувања, наши ресурси, а енергијата ќе останува во Македонија. Наместо државата да прави свои ветерни централи, како што се најавуваше, односно трипати по 36 мегавати и некако да дојдеме до 100 мегавати, останавме само со 36 мегавати приватни централи, а приватниците веќе ги фатија најубавите локации во источна Македонија. Срамота – констатира професорот Димитров, уште еднаш истакнувајќи ја потребата од изградба на сопствени енергетски капацитети.