Европската Унија ја поздравува посветеноста на Македонија во спроведувањето на енергетските реформи и напредокот во процесот на правична енергетска транзиција, истакна евроамбасадорот Михалис Рокас на регионалниот форум за клима, енергетска транзиција и одржлив развој – МЕФ 2026, што се одржува во Скопје.
Во своето обраќање, Рокас нагласи дека Унијата е силно фокусирана на реализацијата на енергетските планови и исполнувањето на поставените цели, при што ја пофали државата за усвојувањето на стратешките документи во енергетскиот сектор.
– Сакам да ѝ честитам на Северна Македонија за усвојувањето на енергетската стратегија и плановите во оваа област, како и за напредокот што го постигна во процесот на правична транзиција – рече Рокас.
Тој оцени дека овие чекори имаат особено значење бидејќи голем дел од реформите веќе се спроведуваат преку рамката на Енергетската заедница и директно ќе влијаат врз процесот на пристапување на земјата во Европската Унија.
Како клучни приоритети за Македонија ги посочи усвојувањето на законодавството за обновливите извори на енергија и заштитата на ранливите категории граѓани во услови на енергетска транзиција.
Рокас потенцираше дека енергетската безбедност и климатската транзиција се неразделно поврзани, особено во услови кога Европа се соочува со ограничени енергетски ресурси и значајни геополитички предизвици.
Според него, актуелните глобални промени дополнително ја нагласуваат потребата од поблиска соработка меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан.
– Соработката со нашите партнери од Западен Балкан денес е поважна од кога било. ЕУ ги интензивира напорите за намалување на зависноста од одредени фосилни горива, а инвестициите во прекугранична инфраструктура и регионално поврзување ќе придонесат за поголема енергетска сигурност и безбедност – истакна евроамбасадорот.
Регионалниот форум МЕФ 2026 се одржува под мотото „Унапредување на климатската отпорност и енергетската транзиција на патот кон КОП31“ и претставува една од најзначајните платформи за климатска дипломатија и регионална соработка во Југоисточна Европа.



































