Фото: Кабинет на заменик-претседател задолжен за политики на добро владеење

Вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи денеска соопшти дека поднел оставка од функцијата и дека одлуката официјално ја доставил до премиерот Христијан Мицкоски.

Во објава на социјалните мрежи, Фетаи наведе дека од функцијата се повлекува со крената глава и чиста совест, оценувајќи дека тоа е најправедниот и најдостоинствениот чекор во актуелните околности.

 – Ова е добро промислена одлука, донесена со уверување дека во моменталните околности е најправедниот и најдостоинствениот чекор – напиша Фетаи на Фејсбук.

Тој истакна дека во изминатите две години имал чест да ја извршува функцијата и да работи на реформи насочени кон зголемување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото.

Во својата порака упати благодарност до сите што му дале поддршка и соработувале со него во текот на мандатот, нагласувајќи дека иако секогаш има простор за повеќе резултати, работел со максимална посветеност за поставување темели за натамошен напредок.

Во образложението на оставката, Фетаи наведува дека повеќе не постојат неопходните услови функцијата да ја извршува со потребната ефикасност.

 – Благодарен сум за укажаната доверба да ја извршувам оваа должност, но во сегашните околности не постојат услови за нејзино ефикасно извршување и затоа се повлекувам од функцијата – додава Фетаи.

Засега нема официјална информација дали и кога Владата ќе ја разгледува неговата оставка