Западен Балкан има историска можност да стане еден од клучните партнери на Европа во обезбедувањето чиста енергија, порача премиерот Христијан Мицкоски на регионалниот форум за клима, енергетска транзиција и одржлив развој – МЕФ 2026, што се одржува во Скопје, пренесе МИА.
Тој нагласи дека актуелната енергетска криза треба да се сфати како можност за развој и економски раст, а не само како предизвик.
– Да ги претвориме предизвиците во наша можност и да видиме што можеме заедно како Западен Балкан да ѝ понудиме на Европа и на нашиот заеднички континент – истакна Мицкоски.
Според него, земјите од регионот, Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија и Босна и Херцеговина, можат да обезбедат околу 260 терават-часови годишно производство од нови капацитети за обновлива енергија.
Премиерот пресмета дека тоа претставува потенцијален годишен бизнис вреден околу 26 милијарди евра, а со инвестициите во нови производствени капацитети, дистрибутивна и преносна инфраструктура, вкупната вредност би можела да биде и повеќекратно поголема.
Тој оцени дека процесот на енергетска транзиција е неповратен и дека од регионот зависи дали ќе успее навреме да го препознае потенцијалот и да привлече дел од инвестициите што ќе бидат неопходни во наредните години.
Мицкоски најави дека за оваа иницијатива ќе разговара и на претстојниот самит на Европската Унија и Западен Балкан во Тиват, каде ќе ги претстави можностите што регионот може да ги понуди.
Како основа за иницијативата ја посочи изјавата на претседателката на Европската комисија дека земјите од Западен Балкан можат да прераснат во центри за производство, складирање и споделување чиста енергија со остатокот од Европа.
Премиерот потсети дека европскиот континент до 2040 година ќе има потреба од дополнителни 1.000 терават-часови електрична енергија годишно, што претставува раст од околу 22 проценти во однос на сегашните потреби.
Тој предупреди дека покрај изградбата на нови производствени капацитети, неопходни се и значајни инвестиции во електроенергетската инфраструктура, бидејќи голем дел од европската преносна мрежа е постара од четири децении.
– Ова е предизвик за целото човештво, но и можност за регионот да стане важен дел од европската енергетска иднина – порача Мицкоски.


































