За разлика од нас, европските земји веќе одамна ги олабавија мерките, но затоа изминатиот период имаат зголемување на процентот на позитивни случаи
Новата методологија за справување со ковид-пандемијата е да не се бројат новите позитивни случаи, туку каква е состојбата на здравствениот систем, односно дали во одредена држава тој е оптоварен или не. Вака микробиологот проф. д-р Никола Пановски ја објаснува сегашната состојба со ковид-пандемијата кај нас, како и процесот на постепено олабавување на мерките. За разлика од нас, европските земји веќе одамна ги олабавија мерките, но затоа изминатиот период имаат зголемување на процентот на позитивни случаи.
– Во Германија се зголеми бројот на позитивни случаи и пред да се укинат мерките. Европските земји имаат висок процент на вакцинирани, направија сѐ што можат да направат за заштита од вирусот, карантинот и изолацијата не може да се издржи – додава Пановски.
Иако, како што вели тој, таму има помалку прележани отколку кај нас, сепак, новата стратегија е да живеат со вирусот.
– Кај нас, ако има околу 300 нови случаи дневно на околу 2.500 направени тестови, зошто се тестирале останатите две илјади лица? Значи дека има такви кои се разбоелеле од други вируси, бактерии… Но, исто така, ако овие случаи се млади, тогаш тоа е добро. Ангела Меркел рече додека сите не го прележат ковидот, тој нема да помине – наведува Пановски.
Тој не очекува пораст на стапката на вакцинацијата во земјава.
Вели дека ако сега се направи масовно тестирање за ковид-19 кај здрави луѓе, ќе има висок процент на позитивни случаи, но кај нив вирусот не предизвикал сериозни инфекции.
– Затоа и се олабавуваат мерките и кај нас. Сепак, ние сме повеќе резервирани, отколку другите земји. Ако бројот на нови случаи повторно надмине 1.000 лица, очекувам повторно да има затегнување на мерките – посочува микробиологот.
Според него, иако кај нас има помал процент на вакцинирани лица, сепак смета дека населението има поголем имунитет против ковид-19, зашто голем дел се прележани, за разлика од луѓето од другите земји.
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека иако пријавените случаи и оние со смртен епилог од ковид-19 се намалуваат на глобално ниво, а неколку земји ги укинаа ограничувањата, пандемијата е далеку од завршена.
– И нема да заврши никаде додека не заврши насекаде. Порастот од 46 отсто на нови случаи минатата недела во регионот на Западен Пацифик, каде што се регистрирани 3,9 милиони инфекции – додава тој.
Минатата недела за 17 отсто се намалил бројот на смртни случаи поради ковид-19. Но, во истиот период имало 11 милиони новозарзени. Бројот на смртни случаи на глобално ниво трета недела бележи благ пад. Најголем пораст на бројот на новозаразени е забележан во Западен Пацифик и Африка, за 30 отсто, додека пак на Блискиот Исток, Југоисточна Азија и Северна и Јужна Америка се намалил за 20 отсто. Во Европа е забележан пораст од два отсто на нови случаи.
СЗО укажува дека омикрон сојот има „глобална доминација“ над другите мутации на вирусот. Оттаму велат и дека нееднаквиот пристап до вакцините, тестовите и третманите за ковид-19 ја продолжува пандемијата.
Најновите бројки на СЗО покажуваат дека 23 земји допрва треба целосно да имунизираат 10 отсто од своето население, додека 73 земји допрва треба да ја постигнат целта за покриеност од 40 отсто, која што беше поставена за почетокот на 2022 година.