Европската централна банка (ЕЦБ) ги замрзна каматите, но инфлацијата ѝ е зад петици

  • Суштината на актуелната економска дилема на ЕЦБ е дека таа сака да ја контролира инфлацијата, но не може да го игнорира фактот дека
    секое дополнително поскапување на кредитите ја ослабнува економската активност, ги одложува инвестициите и го зголемува финансискиот товар врз домаќинствата и врз компаниите

Европската централна банка (ЕЦБ) реши да не се менуваат каматните стапки. Меѓутоа, повеќе истакнати независни економисти велат дека зад оваа одлука се крие многу посериозната дилема, односно како да се запре новиот инфлациски бран, а притоа да не се задуши економскиот раст, затоа што овој заемен однос е од есенцијално значење. Поскапата енергија, геополитичките конфликти и сè поскапото задолжување ја туркаат Европа во период на нова неизвесност.

Привремено примирје, а не победа над инфлацијата

ЕЦБ повторно избра претпазливост. На состанокот од 29 октомври беше одлучено да ги задржи непроменети трите клучни каматни стапки, испраќајќи порака дека во услови на зголемена економска неизвесност не сака да презема избрзани потези. Но оваа одлука тешко може да се протолкува како знак дека инфлациската опасност е надмината. Напротив, зад монетарното примирје се насобираат нови ризици. Депозитната каматна стапка останува на 2,50 проценти, стапката за главните операции за рефинансирање на 2,65 проценти, а каматата на маргиналното кредитирање на 2,90 проценти. Со тоа ЕЦБ практично си купува време за да ги процени последиците од новиот енергетски шок, но не ветува дека каматите ќе останат на ова ниво и во наредниот период. Ова е суштината на актуелната европска економска дилема. ЕЦБ сака да ја контролира инфлацијата, но не може да го игнорира фактот дека секое дополнително поскапување на кредитите ја ослабнува економската активност, ги одложува инвестициите и го зголемува финансискиот товар врз домаќинствата и врз компаниите.

Енергетскиот шок повторно ја менува економската математика

Најголемиот проблем за Франкфурт (седиштето на ЕЦБ) повторно доаѓа од енергетските пазари. Поскапувањето на нафтата и гасот, поттикнато од воените конфликти и нарушувањата во снабдувањето, создава нов инфлациски притисок врз европските економии. Податоците се загрижувачки. Инфлацијата во еврозоната во септември достигна 3,8 проценти, наспроти 3,2 проценти во август. Особено е драматично движењето кај енергијата, каде што инфлацијата достигна 18,9 проценти. Тоа е сериозен сигнал дека поскапувањето на енергентите повторно станува главен двигател на растот на потрошувачките цени. Проблемот е што енергетската инфлација не останува ограничена само на сметките за струја и гориво. Таа се прелева во транспортот, индустриското производство, земјоделството и услугите. На крајот, граѓаните повторно ја плаќаат сметката преку поскапи производи и намалена куповна моќ.

ЕЦБ меѓу две опасности: Инфлација или рецесија

Европската централна банка (ЕЦБ) се наоѓа во незавидна позиција. Ако ги зголеми каматите, може да ја ограничи инфлацијата, но истовремено да го поскапи кредитирањето и да ја забави економијата. Ако ги задржи или ги намали, ризикува повисоките енергетски трошоци да се пренесат врз пошироката структура на цените и да создадат нов инфлациски циклус. Токму затоа во пораката на ЕЦБ има една особено важна формулација, а тоа е дека идните одлуки ќе зависат од новите економски податоци и процените на ризиците, без однапред утврден пат на движење на каматните стапки. Економските сигнали се противречни. Европската економија покажала раст во третиот квартал, а инвестициите во вештачката интелигенција, инфраструктурата и во одбраната даваат одредена поддршка. Но поскапата енергија ја поткопува довербата на потрошувачите, додека повисоките трошоци за финансирање ги ограничуваат компаниите. Не случајно, во финансиските кругови повторно се отвора прашањето дали во декември ЕЦБ ќе мора да прибегне кон ново зголемување на каматите. Тоа не е официјално ветување на банката, но е сценарио што сè посериозно се разгледува на пазарите.

Декември како нов тест за Европа

Одлуката на ЕЦБ да не ги менува каматите во октомври можеби изгледа како обид да се зачува постигнатата стабилност, но всушност таа е признание дека економската неизвесност повторно расте. Инфлацијата не е ставена под целосна контрола, енергетските пазари остануваат нестабилни, а економскиот раст е изложен на нови ризици. Декемвриската седница ќе биде особено важна, бидејќи дотогаш банката ќе располага со дополнителни податоци за инфлацијата, платите, економската активност и ефектите од поскапата енергија. Европа, всушност, повторно се соочува со старата дилема на современата економска политика: како да се зачува стабилноста на цените без да се жртвуваат растот, инвестициите и работните места. А најголемата опасност е што оваа дилема не ја решаваат само централните банкари. Во нејзиното создавање учествуваат војните, енергетската зависност, политичките конфликти и структурните слабости на европската економија. Затоа, непроменетите каматни стапки не треба да се читаат како вест за економско олеснување. Тие се повеќе предупредување дека Европа сè уште не излегла од инфлацискиот тунел. А колку долго ќе трае тој тунел, во голема мера ќе зависи од фактори што ниту Франкфурт, ниту Брисел, ниту националните влади не можат целосно да ги контролираат. Е.Р.


Одлуките од Франкфурт се чувствуваат и во Скопје

За Македонија, политиката на ЕЦБ не е далечна финансиска тема. Напротив, стабилноста на еврото, движењето на каматните стапки и инфлациските трендови во еврозоната имаат и директно и индиректно влијание врз домашната економија.
– Поради тесната поврзаност на денарот со еврото, монетарните движења во еврозоната се особено важни за условите во кои функционира македонската економија. Преку банкарскиот сектор, трошоците за финансирање, увозните цени и трговските врски, европските економски потреси се пренесуваат и на домашниот пазар. Ако ЕЦБ повторно ги зголеми каматите, тоа може да создаде дополнителен притисок врз условите за задолжување и да го ограничи просторот за поевтино кредитирање. Во исто време, поскапата енергија и храната можат да ја засилат увезената инфлација, со последици врз стандардот на граѓаните. Оттука, домашната економска политика ги антиципира соодветните појави, реагира со одредени мерки, а има и надеж дека европските пазари наскоро ќе се стабилизираат. Затоа се чувствуваат сензибилните мерки за внимателно управување со инфлациските ризици, одржлива буџетска политика и мерки што ќе ја намалат ранливоста на економијата од надворешните шокови – вели наш соговорник, професор по економија на УКИМ. Е.Р.


Еврото ја плаќа цената на француската политичка
неизвесност

  • Девизните пазари повторно потврдуваат дека стабилноста на една валута не зависи само од економските показатели туку и од довербата во политичките институции и фискалната дисциплина. Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите не бараат нужно силна економија туку предвидлива политика и кредибилна фискална рамка. Затоа, движењето на курсот меѓу фунтата и еврото не е само валутна приказна туку и одраз на кризата на доверба во европските јавни финансии

Француската политичка криза станува сè поголем товар за еврото, отворајќи прашања за финансиската стабилност на втората по големина економија во еврозоната. Растот на трошоците за задолжување на Франција на највисоко ниво во последните 24 години е сериозен сигнал дека инвеститорите бараат повисока компензација за преземениот ризик. Проблемот не е само во високиот јавен дефицит туку и во ограничената способност на владата да обезбеди политичка поддршка за негово намалување. Кога фискалната консолидација станува политички тешко изводлива, пазарите почнуваат да ја преиспитуваат и долгорочната одржливост на јавниот долг. Дополнителен ризик е можноста француските финансиски проблеми да се прелеат врз поширокиот пазар на државни обврзници во еврозоната. Тоа би значело дека инвеститорите не ја оценуваат изолирано само Франција туку и кохезијата и отпорноста на целата монетарна унија. Во такви услови, британската фунта добива релативна предност. Сепак, нејзиното зајакнување не е резултат на недвосмислено подобри економски перспективи, туку во значителна мера и на слабостите на еврото. Рекордниот број британски компании со сериозни финансиски проблеми покажува дека и британската економија се соочува со значителни структурни притисоци. Клучниот тест за фунтата е фискалната политика на владата, односно дали новиот буџет ќе успее да воспостави рамнотежа меѓу поддршката на економијата и контролата врз јавните финансии. Пазарната порака е дека во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите не бараат нужно силна економија, туку предвидлива политика и кредибилна фискална рамка. Затоа, движењето на курсот меѓу фунтата и еврото не е само валутна приказна туку и одраз на кризата на доверба во европските јавни финансии. Е.Р.