Фото: Официјален фејсбук профил/Стефан Андоновски

Октомври е најуспешниот месец досега во однос на користењето на платформата за интероперабилност, со реализирани околу 20 милиони трансакции, соопшти денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, пренесе МИА.

Како што посочи Андоновски, во просек се реализираат околу 650.000 трансакции дневно, додека во текот на 2024 година биле регистрирани околу 700.000 трансакции месечно. Тој нагласи дека денешниот дневен обем на трансакции е речиси еднаков на бројот што претходно се реализирал за цел месец.

Растот се забележува и во користењето на порталот за услуги. Според министерот, октомври бил најактивниот месец досега, со околу 300.000 граѓани кои ги искористиле достапните услуги.

Андоновски најави дека во текот на оваа недела се очекува да биде пуштена втората верзија на апликацијата, со дополнителни подобрувања. Тој информираше дека повеќе од 30.000 граѓани веќе ја користат апликацијата и оцени дека со воведувањето нови услуги и зголемувањето на бројот на корисници таа ќе има сè позначајна улога во комуникацијата меѓу државата и граѓаните.

Говорејќи за посетата на Бон, каде што беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски, Андоновски рече дека најголем дел од разговорите биле посветени на дигиталната трансформација. Делегацијата имала можност да се запознае со искуствата на „Македонски Телеком“, особено во областа на сајбер-безбедноста.

Министерот посочи дека компанијата располага со центар за сајбер-безбедност кој обезбедува услуги за компаниите во рамките на групацијата, но и за други клиенти во Европа и во светот. Според него, државата прави напори вакви инвестиции и знаења да се привлечат и во Македонија.

Андоновски нагласи дека целта е да се поттикне создавање нови компании во областа на сајбер-безбедноста и да им се помогне на малите и средните претпријатија да ги зајакнат своите капацитети за дигитална трансформација, со посебен акцент на безбедноста и заштитата на нивните системи.