фото: Пeкселс

Во тек е истрага за сомнителни манипулации со оценки и испитни бодови на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Министерството за внатрешни работи утринава потврди дека полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, по наредба на судот, обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, пренесе МИА.

Акцијата ја спроведуваат припадници на Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР. Истрагата се однесува на сомневања за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, за кои се сомничи Р.Т., раководител на информатичкиот сектор при Универзитетот.

Од МВР информираат дека јавноста дополнително ќе биде известена по целосното завршување на акцијата.

Од Универзитетот „Гоце Делчев“ за МИА потврдиле дека е во тек истрага за случајот.

Според првичните информации, случајот бил пријавен од турски студенти. Пријавата, наводно, е поврзана со претходен случај од пред неколку месеци, кога професорка била затекната со обележани пари во врска со сомневање за барање поткуп за турски студент да добие преодна оценка на испит.