Со изведување докази предложени од одбраната денеска во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пренесе МИА.
На денешното рочиште треба да биде сослушано вешто лице предложено од одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци Проект“.
Претходно заврши сослушувањето на вештакот Петре Русески, кој го изработил градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети. Во текот на повеќе рочишта, Обвинителството ги оспоруваше неговите заклучоци во врска со градежните интервенции во објектот, документацијата и условите за евакуација. Русески, пак, остана на ставот дека од градежен аспект немало реконструкција или пренамена на објектот, туку внатрешно ентериерно уредување и занаетчиски работи.
Судењето се наоѓа во доказна постапка, а одбраната има најавено повеќе од 240 сведоци. На 14 септември годинава заврши изведувањето на доказите на Јавното обвинителство. На околу 49 рочишта беа изведени 1.390 материјални докази, а беа сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.
Судењето започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по трагедијата. На обвинителна клупа седнаа 35 физички и три правни лица. Во меѓувреме, еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, почина.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.


































