Повод: Државниот завод за статистика со информација за реалниот раст на бруто-домашниот производ од 3,8 проценти во 2025 година

Македонската економија покажува знаци на посилно развојно придвижување. Реалниот раст на бруто-домашниот производ од 3,8 проценти во 2025 година, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), претставува забрзување во однос на претходната година, кога економскиот раст изнесуваше 3 проценти. Ова е особено значаен показател ако се има предвид дека во изминатите години македонската економија се соочуваше со релативно скромни стапки на раст, недоволна инвестициска динамика и ограничен потенцијал за побрзо приближување кон европскиот економски просек. Охрабрувачки податок е наедно поврзаниот раст на БДП по жител, кој во 2025 година достигна 9.859 евра, наспроти 8.588 евра во 2024 година. Тоа е значително номинално зголемување и показател за проширувањето на економската активност. Секако, овој индикатор не е исто што и расположливиот доход на граѓаните, но е важен показател за вкупниот економски капацитет на земјата. Она што е особено важно е што растот не треба да се гледа само како резултат за една година, туку како можен почеток на подолг развоен циклус. Со реализацијата на поголем број инфраструктурни, енергетски и други капитални проекти, постојат основи за очекување дека економската активност ќе добие дополнителен импулс и во наредниот период.

Капиталните инвестиции како мотор на економскиот раст

Инвестициите во патишта, железници, енергетски капацитети и комунална инфраструктура не создаваат само краткорочна побарувачка туку ги подобруваат и условите за работа на компаниите, ја намалуваат цената на транспортот и производството и ја зголемуваат атрактивноста на земјата за домашните и странските инвеститори. Податоците на ДЗС покажуваат и раст на бруто-инвестициите во основни средства од 9,6 проценти. Тоа е значаен сигнал, бидејќи токму инвестициите се еден од најважните двигатели на идниот економски раст. Но вистинскиот развоен ефект ќе зависи од тоа колку успешно ќе се претворат во нови производствени капацитети, модернизација, технолошки напредок и повисока конкурентност.

Енергетската независност – предуслов за конкурентна економија

Во таа насока, енергетската независност треба да биде еден од приоритетите на економската политика. Домашното производство на електрична енергија, преку обновливи извори, хидроенергетски капацитети, флексибилни производствени системи и инвестиции во складирање енергија, има директно значење за реалната економија. Стабилната и ценовно конкурентна енергија е предуслов за развој на индустријата, за пониски производствени трошоци и за поголема предвидливост на деловното работење. Економија што во значителна мера зависи од увозот на енергија е поизложена на надворешни ценовни шокови, па затоа домашните енергетски капацитети не се само инфраструктурно прашање туку и прашање на долгорочна економска безбедност.

Инфраструктурно поврзување – отворање кон регионалните и европските пазари

Паралелно со тоа, Македонија мора побрзо инфраструктурно да се поврзе со соседите и со европските транспортни коридори. Добрите патни и железнички врски се многу повеќе од градежни проекти. Тие се предуслов за побрз проток на стоки, пониски логистички трошоци, поголема трговска размена и вклучување на домашните компании во регионалните и европските производствени синџири. Секоја година одложување на клучните инфраструктурни проекти значи и пропуштени економски можности. Затоа, забрзувањето на нивната реализација треба да биде еден од приоритетите во следниот инвестициски циклус.

Од производство кон производи со повисока додадена вредност

Но инфраструктурата и енергетиката треба да бидат основа за следниот чекор – трансформација на структурата на домашната економија. Не е доволно само да произведуваме повеќе туку треба да произведуваме производи со поголема додадена вредност. Тоа подразбира постепено преминување од едноставни производствени операции кон посложени индустриски процеси, технолошки понапредни производи, финални производи и сопствени брендови. На тој начин се создава поголема профитабилност, подобро платени работни места и поголем дел од создадената вредност останува во домашната економија.

Продуктивноста и ефикасноста како нова развојна формула

Истовремено, продуктивноста и ефикасноста мора да станат централни економски приоритети. Повисокиот раст на БДП на долг рок не може да се темели само на поголем број работници, потрошувачка или инвестиции туку и на тоа колку повеќе вредност создаваат секој вработен, секоја компанија и секој вложен денар. За тоа се потребни модерни технологии, дигитализација, подобро образование, стручно оспособување и поголема поврзаност меѓу образовниот систем и потребите на стопанството. Подобрата продуктивност е основа за раст на платите без губење на конкурентноста на домашните компании.

Домашното земјоделство и производството на храна – неискористен потенцијал

Особено внимание заслужува и домашното земјоделство и производството на храна. Македонија има природни и климатски услови, традиција и знаење што можат да бидат основа за многу посилен земјоделско-прехранбен сектор. Но потребно е да се оди чекор понатаму од примарното производство – кон модернизација, наводнување, складирање, преработка, пакување и создавање производи со повисока пазарна вредност. Поголемото домашно производство на храна значи и поголема економска сигурност, помала увозна зависност, нови работни места и можност за раст на извозот.

Само економскиот раст создава повисок животен стандард

Македонија има потреба од континуитет на инвестициите, предвидлива деловна средина и здрави структурни реформи што ќе го поттикнат домашното производство и ќе ја зголемат конкурентноста. Позитивните статистички показатели се охрабрувачки, но нивната вистинска вредност ќе се потврди преку создавање нова економска вредност, подобри работни места, повисоки приходи и посилен извоз. Затоа, растот од 3,8 проценти треба да се гледа како поттик, а не како крајна цел. Пред Македонија е можноста да премине од економија што претежно го одржува постојното ниво на активност кон економија што создава нови производствени капацитети, повисока додадена вредност и поголема економска самостојност. Тоа е развојната амбиција што треба да ја обедини следната деценија. Побрза, попродуктивна и поконкурентна економија, во која растот на БДП ќе се претвори во реален напредок и подобар животен стандард за граѓаните. Е.Р.


Удвојување на економијата за осум години – амбициозна цел

– Сите овие напред споменати елементи доколку се поврзат во единствена развојна стратегија, резултатите нема да изостанат. Кумулативното поврзување на овие споменати предуслови создаваат „совршена бура“ во позитивна смисла на изразот. Енергетиката треба да обезбеди конкурентни услови за индустријата, инфраструктурата треба да ги поврзе производителите со пазарите, индустријата треба да создава производи со поголема додадена вредност, а земјоделството и прехранбената индустрија треба да ја зајакнат домашната производствена база. Во такви околности, растот од 3,8 проценти може да биде добра почетна основа за поставување на уште поамбициозна национална развојна цел, односно удвојување на големината на македонската економија во период од осум години, односно во рамките на два владини мандата. Тоа е исклучително амбициозна цел, која би барала просечен реален годишен раст од приближно 9 проценти. За нејзино остварување би биле потребни силен и континуиран инвестициски циклус, значително зголемување на продуктивноста, длабоки структурни реформи и многу поинтензивно вклучување на домашниот производствен сектор во европските и на глобалните пазари. Ваквата цел треба да биде поттик за поставување мерливи развојни приоритети и долгорочен економски консензус – брифира наш постојан соработник, професор на Економскиот факултет во Скопје. Е.Р.