Фото: ЕПА

САД на 10 и 11 ноември ќе одржат разговори со делегации на Украина и Русија во Абу Даби, со цел да се разговара за завршување на војната и повоената безбедност, изјави американскиот претставник Стив Виткоф.

Новата рунда преговори со американско посредство ќе биде посветена на – повоените безбедносни аранжмани, деескалацијата, хуманитарните мерки и завршувањето на војната – напиша Виткоф во објава на социјалните мрежи.

Последните мировни преговори со посредство на САД се одржаа во февруари, пред американско-израелскиот напад врз Иран.

Американската делегација во Абу Даби ќе ја предводат главните преговарачи на Вашингтон, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, потврди висок американски функционер.

Рускиот претседател Владимир Путин се согласил на нова рунда трилатерални разговори по средбата со Виткоф во Санкт Петербург, одржана пред две недели.

Паралелно, американските преговарачи оваа недела во Брисел ќе разговараат со претставници на Франција, Германија, Велика Британија, Европската Унија и НАТО за безбедносните гаранции за Украина, идната европска безбедносна рамка и реконструкцијата на земјата, соопшти американски функционер.