Најголемиот балкански рис Бистри го добил името по планината Бистра

Откриј ги тајните на живиот свет

  • Знаеме колку сте љубопитни и желни за знаење, учење и за откривање на непознатото. Токму затоа во соработка со Македонското еколошко друштво од денеска ја воведуваме рубриката „Откриј ги тајните на живиот свет“, со цел преку интересни факти да ви ги претставиме македонските природни богатства

Во светот постојат четири вида рис: бопкет, канадски, ибериски и евроазиски рис. Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus), всушност, е еден од шесте подвида на евроазискиот. Со не повеќе од 50 единки во светот, тој не е само најреткиот од подвидовите на евроазискиот рис туку и критичко загрозен вид според Глобалната црвена листа на загрозени видови.
Балканскиот рис е најголемата мачка на Балканот. Како и сите рисови, препознатлив е по две впечатливи карактеристики: кусата опашка со црн врв и перчињата на ушите. Кусата опашка е еволуциско приспособување што му овозможува помала загуба на телесната топлина во поладните места, но и поголема умешност и притаеност кога се прикрадува во шумата за да лови. Од друга страна, улогата на перчињата на ушите сè уште не е докрај разјаснета. Според едни научни толкувања, тие служат за подобра звучна детекција, според други – за подобра визуелна комуникација (распознавање) меѓу единките, а според трети – за камуфлажа.
Уште една уникатна одлика е и шарата на крзното. Независно дали е со ситни дамки, со розети или е еднобојна без дамки, шарата е уникатна за секој рис!
Денес, балканскиот рис се сретнува само во југозападниот дел на Балканскиот Полуостров, и тоа кај нас во Македонија, во Албанија и во Косово, а може да се сретне и во Црна Гора. Токму во нашиот национален парк „Маврово“ бил заловен најголемиот балкански рис – единка тешка дури 26 килограми што го добила името Бистри, по планината Бистра.

Балканскиот рис е територијално животно: мажјаците заземаат голема територија од речиси 400 км², колку едно урбано Скопје, која ја користат за лов и размножување. Женките, пак, заземаат помали територии, вообичаено неколку женки имаат посебни територии, кои се наоѓаат во рамките на пространата територија на мажјакот.
Територијата ја обележуваат со мирис, триејќи ги образите од впечатливи предмети и прскајќи ги со урина. На тој начин наоѓаат и партнери за парење. Рисовите се парат во периодот од февруари до април, кога и испуштаат гласен повик за парење, налик на лаење, што одекнува низ шумата. Во остатокот од годината, живеат самотно и релативно тивко. Женката во просек раѓа две млади, во периодот мај-јуни. Младите цицаат до шест месеци, по што почнуваат да јадат плен, а целосно се осамостојуваат по деветтиот месец.
Балканскиот рис е грабливец што лови од заседа. Омилена храна му е срната, но лови и див зајак, дивокоза, полв, лисица и куна. Најголема закана за неговиот опстанок е криволовот – не само неговиот туку и на неговиот плен. Неретко страда и во сообраќајни незгоди. Опстанокот му е загрозен и од шумските пожари, сечата на шумите, губењето на живеалиштата, а и од глутниците улични кучиња, кои исто така му го јадат пленот.

Токму поради тоа што е загрозен вид, неопходно е да го зачуваме. Но, со оглед на тоа што тешко може да се забележи во природата, најчесто се следи и се проучува со поставување фотозамки, кои овозможуваат снимање на дивиот свет без речиси никакво човечко влијание. Преку вака добиените снимки гледаме како живее не само рисот туку и другите животни и дознаваме како изгледа секојдневието во шумата.
Истражувањето и следењето на рисот бараат и повремено фаќање на живи единки, што се прави со помош на кафез-замки. Освен што вака се добиваат информации за општата здравствена состојба, на заловеното животно му се поставува и ГПС-локатор, преку кој потоа се следат неговата маршрута на движење и однесувањето. Однесувањето на рисот може да се следи и преку други траги што ги остава во природата – урината, изметот, влакната, отпечатоците. Македонското еколошко друштво ги користи сите овие пристапи и веќе полни 20 години работи на закрепнување на ова фасцинантно животно преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис.
Марко, Мартин, Ристе, Деки, Маја, Лиса, Атиџе, Филипче, Нарциса, Зора и Крле се меѓу единките што досега ги имаме заловено. Кога би биле со нас на терен, какво име би му дале вие на следниот заловен рис?

Teкст и фото: МЕД