Фото: училишни архиви

Иницијативи

Учениците од ООУ „Видое Подгорец“ од Колешино, Струмичко, и годинава со искрена радост, нескротлив ентузијазам и изразен креативен дух создаваа уникатни изработки, претежно од природни материјали, инспирирани од костенот.
Преку истражување на можностите на природните ресурси и примена на сопствените идеи, учениците ја претворија својата креативност во конкретни и вредни ракотворби.
Посебна димензија на проектот му овозможи економскиот аспект, односно процената на вредноста на изработките и нивната продажба, преку кои учениците стекнаа практични знаења за вреднувањето на сопствениот труд, одговорното располагање со ресурсите и основните принципи на претприемаштвото.
Координаторка на овој училиштен проект „Костенијада“ беше наставничката Марија Брндевска, а во неговата реализација беа вклучени повеќе наставници од одделенска и од предметна настава, како и ученици од прво до деветто одделение, од централното и од подрачното училиште.
– Проектот „Костенијада“ уште еднаш покажа дека училиштето е многу повеќе од простор за стекнување знаења, покажа дека тоа е средина во која се поттикнуваат творештвото, соработката, претприемачкиот дух и општествената одговорност. Зад нас останува уште една успешно реализирана „Костенијада“, а пред нас има нови идеи, нови предизвици и нови можности за заедничко творење и соработка – рече наставничката Брндевска.
Средношколците од СОУ „Св. Наум Охридски“ од Македонски Брод, пак, заедно со своите ментори, професорите Горан Јанкулоски, Николче Ѓурчиноски и Зоре Стаменкоски, изработија масивна професионална скара за потребите на фестивалот на костенот „Костенијада“, традиционалната манифестација во Македонски Брод.
– Со оваа активност уште еднаш ги потврдуваме практичните вештини, креативноста и стручноста на нашите ученици, како и нивниот придонес во поддршката на локалните настани и традиции. Горди сме на знаењето, трудот и на посветеноста на нашите ученици и наставници – велат од училиштето.

Ф.Д.


Мирисот на градот

Во планината висока
во шумата густа ко мрежа,
гранките на дрвјата
од костени тежат.

Ветер силен дувна,
„оп“ нешто падна,
костен се стркала
по земјата ладна.

Надолу, надолу
некако се снајде,
нашиот костен
на печката се најде.

Печката си грее
на широкиот плоштад,
на костени мириса
целиот наш град.

И сега дечињата
топло облечени
мирисаат и се сладат
со костени печени.

Aвтор: Филип Димкоски