Само девет од вкупно 62 локомотиви со кои располага „ЖРСМ Транспорт“ АД – Скопје се во функција, а друштвото ја завршило 2024 година со загуба од 331,8 милиони денари. Заедно со пренесените загуби од претходните години, вкупната загуба достигнува 6,75 милијарди денари, односно околу 109,1 милион евра, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Според ревизорскиот извештај, од 16 патнички гарнитури во функција се пет, додека од 47 патнички вагони само два се користат во редовниот сообраќај за превоз на патници. Ревизорите оценуваат дека состојбата на влечните и влечените капацитети е на граница на нивната техничко-технолошка експлоатациона моќност.
Како главни причини за состојбата се наведуваат староста на возниот парк, ненавремените инвестиции во средни и големи поправки, недостигот од финансиски средства, нередовните набавки на резервни делови и недоволната обнова на капацитетите. Според ДЗР, староста на локомотивите го отежнува работењето, ја зголемува потрошувачката на енергенси и бројот на празни возења.
Ревизијата утврдила и неправилности во управувањето со залихите. Дури 71 отсто од нив, во вредност од 342,3 милиони денари или околу 5,5 милиони евра, се постари од 2019 година, а на крајот на пресметковниот период не било извршено нивно вредносно усогласување.
Слабости се констатирани и при управувањето со нафтените деривати. Ракувањето со горивото при прием и издавање било несоодветно и небезбедно, додека опремата за мерење е застарена, импровизирана и подложна на манипулации. Дополнително, пумпите за полнење возила подолг период не биле верификувани, односно баждарени.
ДЗР посочува дека друштвото не ги подмирувало навремено доспеаните обврски, туку поднесувало приговори на решенијата за платни налози, со што се пролонгирале судските постапки и се зголемувале обврските за главен долг, камати и судски трошоци.
Ревизорите утврдиле и дека, и покрај правосилно завршените судски постапки и високата веројатност за одлив на економски ресурси во износ од 260,9 милиони денари или околу 4,2 милиони евра, друштвото не извршило резервирање средства согласно Меѓународниот сметководствен стандард 37. Поради тоа, обврските, трошоците и финансискиот резултат не биле реално и објективно прикажани во финансиските извештаи.
Недоволна контрола била утврдена и врз потрошувачката на вода. Фактурите за 2024 година изнесувале 5,47 милиони денари, а ревизијата констатирала прекумерна потрошувачка, несоодветна за административни и услужни дејности. Посочени се и помалку искажани приходи од услуги за користење локомотиви, како и вршење услуги без јасно утврдени и важечки договори и без редовно ажурирана ценовна политика.
Во извештајот се нотирани слабости и во управувањето со човечките ресурси, примената на законската и интерната регулатива за работните односи, организацијата на работните процеси, како и пресметката и исплатата на плати и надоместоци.
Дополнително, во деловните книги не била евидентирана како недвижност завршената реконструкција и адаптација на работилниците за одржување железнички возила, иако за објектот биле обезбедени потребните дозволи и тој повеќе години се користел. Станува збор за инвестиција во вредност од 118 милиони денари или околу 1,9 милиони евра. Поради неевидентирањето не биле пресметани ниту трошоци за амортизација во претходните години и во 2024 година.
И покрај набавките реализирани преку проектот за обнова на возниот парк, стручните лица во друштвото укажале дека возниот парк и понатаму е застарен, со старост поголема од 40 години. Од вкупно 1.382 товарни вагони, само 378 имаат важечка ревизија и се способни за сообраќај, додека 1.004 се надвор од сообраќај поради истечена ревизија.
ДЗР оценува дека континуираните загуби негативно влијаат врз тековното и идното работење, развојот на друштвото и ефикасното, безбедното и навременото одвивање на железничкиот сообраќај. За надминување на утврдените неправилности, овластениот државен ревизор дал препораки.
Од ДЗР информираат дека на 2 ноември 2026 година генералниот директор на „ЖРСМ Транспорт“ доставил информација за преземените активности во врска со конечниот ревизорски извештај и постапувањето по дадените препораки. Информацијата е составен дел од објавениот извештај.


































