Фото: приватна архива

Плодна есен во македонската книжевност за деца и млади

  • Во македонската книжевност за деца ме радуваат смелите теми, живиот јазик и илустрациите што умеат да раскажат и нешто што зборовите го премолчуваат, но важната тема не ја спасува слабата приказна. Ни требаат повеќе време и простор за критиката да оди подалеку од промотивните пофалби, а добрите книги мора да имаат живот и по промоцијата: преку училиштата и библиотеките да стигнат и до детето чиј родител не може да ги купи, смета професорката Весна Мојсова-Чепишевска

На радост на младата читателска публика, оваа есен не само што македонската книжевна ризница се збогати со нови книги за деца туку се одржаа и повеќе промотивни настани, а дел од книгите се промовирани и објавени и надвор од границите на Македонија.

Киро Донев е прв македонски автор номиниран за наградата „Астрид Линдгрен“

Кај многубројните негови читатели од повеќе генерации, како и кај медиумите, голем интерес предизвика веста за номинацијата на писателот за меѓународната награда „Астрид Линдгрен“ за 2027 година. Покрај „Ханс Кристијан Андерсен“, меѓународната меморијална награда „Астрид Линдгрен“ претставува едно од најзначајните светски признанија во областа на литературата за деца и млади. Годинава, номинирани се вкупно 277 кандидати од 80 земји од светот. Овој факт станува уште позначаен за македонската литература, ако се земе предвид дека првпат македонски автор е номиниран за оваа награда. Предлогот за номинација на писателот Киро Донев го испрати Институтот за детска книжевност од Белград преку претставникот Милутин Ѓуричковиќ. Името на добитникот за 2027 година треба да биде објавено на 6 април 2027 година, во рамките на Меѓународниот саем на книгата за деца во Болоња, Италија. Наградата „Астрид Линдгрен“ е востановена во 2002 година од шведската влада, во чест на славната шведска писателка Астрид Линдгрен, авторка на незаборавните приказни за Пипи Долгиот Чорап и други ликови што оставија траен белег во светската литература за деца.
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитани македонски автори, не само кај писателите за деца туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.
Киро Донев пишува телевизиски и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ-серии, составил неколку антологии… Тој е ексклузивен автор на издавачката куќа „Македоника литера“.

Наградата „Штефица Цвек“ за „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска

Македонската писателка Лидија Димковска, позната по романите за возрасни и по поетските книги, годинава ја објави книгата за адолесценти „Тринаесеттиот“ во издание на издавачкиот центар „Три“, за чиј квалитет, доказ е регионалното признанието „Штефица Цвек“. Годинава во конкуренција се најдоа повеќе од осумдесет наслови објавени во текот на 2025 година на македонски и на јазиците на БХСЦ. Зад оваа бројка стои мошне разновиден книжевен пејзаж: романи, поезија, драма, книги за деца и млади, хибридни и мултимедијални дела, графички роман – но и различни генерации и поетики од регионот.
– Во зградата во која дванаесетте месеци живеат како своевидна заедница се појавува некој што го нарушува воспоставениот поредок – момчето Оф, кое бега од војна и ги принудува нејзините жители одново да размислат за границите меѓу „нас“ и „другите“. Темата на различноста и прифаќањето на другиот е остварена преку бајковидна структура и јазична инвентивност, со што книгата успева да ги спои пристапноста и сериозноста на темата со која се занимава – се вели во образложението за наградата.
Романот ја раскажува приказната за висококатницата на месеците во која се живее како насекаде – со смеа и гушкања и со неправди и осаменост. Разноликоста на ликовите и нивните приказни му дава висока книжевна вредност на ова дело, кое осветлува поинакви начини на размислување за еден поинаков свет, кој цели кон прифаќање и разбирање на другиот, поинаквиот, оној што често во реалноста останува на маргините.

Професорката Мојсова -Чепишевска ја објави својата прва книга за деца

Професорката Весна Мојсова-Чепишевска, меѓу другото долгогодишна ревносна иследувачка на македонската книжевност за деца, деновиве го објави и го промовираше своето прво книжевно дело наменето за најмладата читателска публика, во издание на „Светулка“.
– Одамна сакав да напишам книга за деца, а со „Ина“ посакав малку да нѐ запрам нас, возрасните, во нашето постојано поправање на детскиот свет. Таа е дневник на првата училишна недела на едно девојче, со илустрации на Иванка НиБа и со страници што ги повикуваат читателите да раскажат и свои приказни, со зборови, цртежи и колажи. Ина си црта петти прозорец за да не се изгуби светлината во нејзината куќа, а јас сакав да напишам книга во која никој нема да ѝ го заѕида – вели професорката Мојсова-Чепишевска за „Колибри“.
Таа, во краткиот разговор со нас, даде свој став во врска со актуелната состојба на книжевноста за деца кај нас.

– Во македонската книжевност за деца ме радуваат смелите теми, живиот јазик и илустрациите што умеат да раскажат и нешто што зборовите го премолчуваат, но важната тема не ја спасува слабата приказна. Ни требаат повеќе време и простор за критиката да оди подалеку од промотивните пофалби, а добрите книги мора да имаат живот и по промоцијата: преку училиштата и библиотеките да стигнат и до детето чиј родител не може да ги купи. Не треба да чекаме децата да пораснат за сериозно да ги сфатиме книгите првенствено наменети за нив – порача професорката.

„Илина и шумските тролови“ ќе ја читаат и децата во Србија и во Русија

Периодов беше доста успешен и за младата авторка Хана Корнети. Имено, реномираното руско списание „Иностранаја литература“ објави седум глави од романот „Илина и шумските тролови“, кој на македонски јазик е објавен од издавачката куќа „Или-или“. На 6 октомври во Библиотеката за странска литература во Москва, списанието беше промовирано од страна на неговиот главен уредник, писателот, литературен критичар и преведувач Александар Ливергант, кој рече дека септемврискиот број собра под една корица талентирани автори од сите краишта на светот што пишуваат за деца. Романот „Илина и шумските тролови“ на Хана Корнети пред присутните беше претставен од Олга Панкина. Издавачката куќа „Креативен центар“ од Србија, пак, неодамна ја објави книгата „Илина и шумските тролови“ на српски јазик во превод на Ирена Шентевска.
Кога зборуваме за промовирање на македонската книжевност за деца во Русија, ќе споменеме дека деновиве во градот Долгопрудни, во близината на Москва, во рамките на 20. издание на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2026“, а како дел од својот проект „Читај ја Македонија“, афирматорката на македонската книжевност Олга Панкина овој пат го стави акцентот на творештвото за деца.
– Артистите на театарот „Город“ го претворија настанот во интерактивно дејство. Водеа разговор со присутните, во вид на игра ги запознаа помалите гледачи со историjата на словенското писмо, истакнуваjќи jа улогата на сесловенските просветители Кирил и Методиj и панорамски ги претставија македонските автори за деца и млади – од класиците како Ванчо Николески и Видое Подгорец, до современите Киро Донев, Биљана Станковска, Горјан Петрески и др., до најмладите како Натали Спасова и Хана Корнети. Публиката беше одушевена од поезијата на писателите Бошко Смаќоски, Васил Пујовски, Волче Наумчески, Васил Куновски, Цане Андреевски, Киро Донев, Панде Манојлов, Стојан Тарапуза и др. – раскажува Панкина.

„Времеплов: Мисија Илинден!“ на современ начин им ја доближува историјата на децата

Од идејата како да им се доближи историјата на денешните деца што растат со филмови, со видеоигри, со социјални мрежи и со наплив на брзи и кратки содржини, настана книгата „Времеплов: Илинден“ на авторот Перица Сарџоски, во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина-публикации“.
Шест деца, летниот распуст во Лазарополе и една необична средба со пензиониран професор по историја стануваат почеток на авантура што ги носи директно во времето на Илинденското востание, каде што ќе ги сретнат и Јане Сандански и Никола Карев.
Авторот Перица Сарџоски, поет, писател, преведувач и едукатор, повеќе од две децении работи со млади. Како основач и професор во училиштето за англиски јазик „Пегасус ЕЛС“ во Тетово, секојдневно ги следи нивните интереси, начини на учење и потребата да го доживеат знаењето, а не само да го запомнат.
– Како професор по англиски јазик, имам непосреден контакт со младите и добро знам колку една тема може да стане привлечна кога ќе им се понуди како предизвик, како мистерија или како авантура. Така се роди идејата историските факти да ги спојам со фантастика и да создадам приказна во која децата нема само да читаат за минатото туку, барем во својата имагинација, ќе можат да отпатуваат во него и да го доживеат – вели Сарџоски.
Ете, драги наши читатели, се потрудивме да ве запознаеме со најновите случувања во литературата наменета за вас. А дали ќе читнете некое дело на Киро Донев, дали ќе откривате кој е „Тринаесеттиот“ или, пак, ќе се дружите со „Ина“, дали ќе ја прочитате „Илина и шумските тролови“ или, пак, ќе патувате во историјата на чудесен начин преку „Времеплов: Mисија Илинден“, изборот е ваш.