Огромен број новинари ја напуштија својата благородна професија, станаа портпароли, државни службеници, советници. Истражувањата покажуваат дека половина од преостанатите активни новинари размислуваат за промена на професијата. Причините се главно од финансиска природа… „Медиумите во Македонија, заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси“ – беше насловена дебатата што се одржа пред некое време, поттикната и организирана од Институтот за комуникациски истражувања. Воведничари, експерти од домашен праисход, „расчинети“ уредници на весници, телевизии, новинари… сето тоа заедно интересна и содржајна средба и повод за уште едно навраќање на омилената, никогаш незборавена, „непрежалена“ ниту прескокната тема – слобода и неслобода во медиумскиот обзор.
И, еве, наместо вовед, неколку реда од поновите читанки за т.н. пресврт во внатрешното битие на медиумите, новинарската дејност и јавниот интерес. Новинарството е услужна дејност за општеството според теоријата и практиката, но новинарите не се повеќе четврта власт, како што милувавме да ги нарекуваме и славиме некогаш.
Во ерата на апсолутна медиумизација, малку им останува на кутрите мали/големи журналисти од позицијата на која до скоро беа квалификувани. Во бескомпромисниот суров пазарен натпревар, нивните досегашни предности како најподготвени учесници често се поништени поради брзината на протокот на информации и нивната обезвреднетост, а најмногу поради фактот што се лесно достапни насекаде. На тој начин позицијата на новинарство е поткопана, а јавноста или не ја препознава или не ѝ придава доволно значење на традиционалната професионална новинарска информација.
Погледнато од аспект на повеќегодишното практикување и либерализацијата на електронскиот медиумски пазар, можеме да констатираме дека медиумите денес сѐ помалку се на патот на нивната примарна онтолошка детерминираност за изразување на јавниот интерес – зголемување на моќта на медиумите и граѓаните и штитењето на јавните политики во Македонија. Во таа суверена, но малку заштитена зона на медиумската репродукција, хиперинфлација и депрофесионализација на новинарската дејност, безмилосното распарчување на етерот и јавниот интерес во Македонија продолжува со несмалена жестина. Наместо квалитетни содржини, голем дел студии се претворени во амбуланти, бескрајно и бесцелно се разговара, се натпреваруваат готвачи и кујни, се водат божемски политички дебати. Конфузните уредувачки концепти се промовираат за квалитет и како уредно верифициран и лиценциран производ се пласираат во националниот медиумски хоризонт.
Во дигиталната комуникациска ера настанаа крупни промени на начините како се оформува јавното мислење. Процесот на негово создавање сега е децентрализиран и дифузиран, така што, покрај масовните медиуми, сега креирањето на јавното мислење вклучува разни нови форми и платформи на електронска и мобилна комуникација, интернетот, социјалните мрежи и редица други придобивки на технолошкиот подем.
Динамичните промени на комуницирањето и медиумите влијаат интензивно на нашето секојдневие, но промените во нашите сфаќања за тој процес одат многу побавно.
Поради промените во структурата на протокот на информации, менаџирањето на јавните информации повеќе не е функција или привилегија само на новинарите. Тие од општествена група што има овластувања, средства и знаења да собира и дистрибуира информации, постапно станаа еден од неколкуте позначајни фактори во процесот на креирање и ширење информации.
Новинарите го загубија приматот во процесот на собирање и креирање информации, така што нивната улога од „примарни собирачи и толкувачи на информациите“ се преобрази во „учесници на динамичниот пазар на информации“, а нивните досегашни предности често се разнишани поради брзината на протокот на информации и големата обезвреднетост на информациите, најмногу поради фактот што се лесно достапни насекаде.
Редефинирање и проширување на онтолошката рамка на новинарството и медиумите подразбира и правилна и нова фина регулација, со закон, или саморегулација, сеедно, инаку ризикуваме медиумскиот хоризонт да го преобразиме во сеопшт хаос, со последици по идентитетот и медиумскиот суверенитет.
И, се разбира, секогаш треба да се има на ум дека и во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според степенот на доверба што го генерираат, без оглед на карактерот, типот и жанрот на материјалот, кој и онака секогаш може да се монтира, преуреди, дотера, презентира – според потребите!?
„Западните весници, медиуми, мрежи, платформи се само оружје во рацете на политичките елити – во многу земји тие учествуваат во ‘демократските војни’ кога се градат демократиите. Во многу западни општества, медиумите, весниците, сега и социјалните мрежи и блогерајот, беа и се најмоќното оружје во рацете на одредена политичка елита или центар на моќ што се бори да победи друга политичка или неполитичка цел. Целта на ваквите центри на моќ е особено видлива во критичните демократии и во тој случај никако не станува збор за кредибилно новинарство. Тие го користат новинарството за да ги натераат луѓето да мислат како што тие мислат. Ова е опасно, бидејќи е политика, егзибиционизам, но не и овозможување новинарство“. Ова во наводите се некои од акцентите и искрени размисли на Улрик Хагеруп, извршен директор на Информативната редакција на данската интернационална телевизија.
И за крај неколку реда и од перото на еден од најреспектираните американски теоретичари на либералната демократија, обожаван и цитиран и од некои кругови и од нашата академска и дипломатска фела – стариот добар Волтер Липман. Одамна, некаде во почетокот на ерата на интензификацијата на медиумските преобразби, ќе забележи: „Револуцијата во уметноста на демократијата е т.н. производство на согласност со помош на новите техники на пропаганда“. Една од претпоставките што се премолчуваат, која и одговорните мораат да ја скриваат и пред самите себе, се однесува на прашањето како токму тие (некои) луѓе стигнуваат на позиции на кои имаат авторитет во одлучувањето. Тоа е оној посебен слој на луѓе што им приоѓаат на одредени сопственички кругови, со (или без) текст – „можеме да им служиме на вашите интереси“, ги прифаќаат претпоставените вредности, доктрини, убедувања. И така стануваат дел од извршната група што им служи на круговите на приватната моќ, при што се зацврстува врската меѓу државата и деловниот свет. Ако не успеете да ги совладате тие вештини, надвор сте од игра.
И најнакрај, и без оглед на сѐ, посакуваме да имаме слободно, истражувачко и чесно новинарство во Македонија. Почитувани новинари, вие сте главните информатори за настаните во нашето секојдневие. На база на добиените информации од вас, ние, граѓаните, го креираме нашето мислење за севкупното општествено живеење Притисоците од страна на политичките субјекти и нивните газди треба да бидат санкционирани. Ве поддржувам во вашата борба за слободно и истражувачко новинарство. Патот нема да ви биде лесен. Ние, граѓаните, сме со вас.
Автор:Аљоша Симјановски