Фото: Твитер/Џо Бајден

По синоќешниот говор на рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Џо Бајден се огласи на Твитер и објави фотографија на која потпишува нови санкции за Русија, Народна Република Донецк и Народна Република Луганск.

Бајден потпиша извршна уредба со која се забрануваат инвестиции, трговија и финансирање што ќе ги вршат граѓаните на САД со отцепените региони на источна Украина – чиј декрет за независност беше донесен од рускиот претседател во понеделникот.

– Потпишав извршна уредба со цел да ја спречам Русија да профитира од тешките прекршувања на меѓународното право. Ги продолжуваме консултациите со сојузниците, партнерите и Украина за следните чекори – напиша американскиот претседател на Твитер.

Во заедничката писмена изјава, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лeјен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел остро ја осудија одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да ги признава регионите Донецк и Луганск во Украина како „независни ентитети“.

– Овој чекор е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорот од Минск. Унијата ќе реагира со санкции против оние кои се вклучени во овој незаконски чин“, најавија Фон дер Лeјен и Мишел.

Тие ја повторија непоколебливата поддршка на ЕУ за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, се додава во соопштението.