Автомобил „бмв“ удрил во пешак на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје околу 11 часот, усмртувајќи го на самото место на несреќата, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на информации од МВР.
Од страна на Итна медицинска помош била констатирана смрт, додека моментно се врши увид од екипа од СВР Скопје.
Дежурен јавен обвинител од скопското основното јавно обвинителство извршил увид и на местото на тешка сообраќајна несреќа која се случила синоќа околу полноќ во Ново Лисиче, на сервисна улица во близина на трговскиот центар „Лиса“.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на два автомобила – „рено“ управувано од 21-годишен скопјанец и „фолксваген поло“ со кое управувал 48-годишен жител на Стајковци.
Во несреќата, возачот на автомобилот „фолксваген“ им подлегнал на повредите на самото место. Со тешки телесни повреди се здобила и неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот.
Возачот на автомобилот „рено“ се здобил со повреди и откако му била укажана лекарска помош, тој е задржан во полициска станица.
Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатиот, како и за вештачење на примероци од крв и урина од возачот на другиот автомобил со цел да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства.
Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на местото на несреќата преку системот „безбеден град“.