Фото: Игор Бансколиев

Колку овој нов бран поскапувања на нафтените деривати ќе се одрази врз стопанството и генерално врз економијата и кои мерки би можеле да се преземат, со цел да се спречи евентуално поттикнување на инфлацијата и пад на стандардот на граѓаните

ПО НАЈНОВИОТ БРАН ПОСКАПУВАЊА НА НАФТЕНИТЕ ДЕРИВАТИ

Оваа недела нафтата и нафтените деривати во земјава повторно поскапеа, а следејќи го нагорниот тренд на светските берзи, очекувано е растот на цените да продолжи и во следниот период. Деновиве светските медиуми пишуваат дека нафтата се продава по повисоки цени поради загриженоста за снабдување во услови на зголемени тензии во Источна Европа и Блискиот Исток.
Растот на цените на енергентите, кои оваа зима рушат рекорди, дополнително загрижува бидејќи има моќ да ја поттикне инфлацијата, која веќе е присутна. Колку овој нов бран поскапувања на нафтените деривати ќе се одрази и врз компаниите, разговаравме со транспортерите, кои се директно погодени од поскапувањето на нафтата, но и со други бизнисмени, кои се загрижени од растот на цените на енергентите.
– Периодот од почетокот на пандемијата, па и денес кога имаме глобална криза на сите енергенти и дополнително економска криза е најтешкиот за сите превозници. Од една страна се намалува производство на голем број производи, кои предходно биле превезувани низ цела Европа, а од друга страна трошоците на работење секојдневно се зголемуваат. Цените на превозот не можат толку бргу да ги следат сите промени на цената на горивата, ниту пак превозниците можат за секој превоз да бараат дополнителни средства. Според информациите со кои располагаме, во последниов период има одредено зголемување на цените на превозот, но тоа е далеку од реалните потреби и можностите за следење на растот на горивата, но и инфлацијата, која сѐ повеќе се чувствува и во оваа дејност – укажува Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата на транспортери „Макам – транс“.
Муратовска посочи дека македонските превозници се „на работ“ и додава дека достапноста до транспортниот пазар зависи од режимот на меѓународни транспортни дозволи, кои на ниво на држави се разменуваат во реципроцитет, кои нашата држава ги има сѐ помалку, споредено со потребите на превозниците и бројот на товарни моторни возила со кои располагаат.

– Покрај овие проблеми, се надградува и растот на цената на нафтата. Кај нас сѐ уште не се воведува можноста што ја има во државите-членки на ЕУ, но и во Србија, а тоа е враќање на дел од акцизата пресметано во цената на погонското гориво за сите што вршат комерцијален превоз на стока и патници, со можност во реципроцитет да се бара поврат на акциза и од други држави како што е случај со ДДВ-то. Ваквата мерка дирекно ќе влијае и на намалување на стапката на инфлацијата, која преку поскапи енергенти влијае на секој производствен процес, но и на превоз на производите за широка потрошувачка, репроматеријали, лекови и голем број други производи – вели Муратовска.
Поскапувањето на нафтата и на сите енергенти не претставува проблем само за транспортните компании, напротив растот на цените го чувствуваат сите компании, а поради поскапувањето се намалува нивната рентабилност.
– Растот на кои било суровини, материјали или енергенти што ја сочинуваат цената на чинење на еден производ на една компанија предизвикува зголемени трошоци за компанијата. Во тој случај најчесто компаниите се обидуваат со покачување на продажните цени на своите производи да ги нивелираат овие зголемени трошоци. Ако пазарот не ги прифаќа овие зголемени цени, тогаш доаѓа до намалување на продажбата и приходите и до намалување на рентабилноста на компанијата. Кога сме кај зголемените цени на нафтата, мораме да бидеме реални и да кажеме дека тие пораснаа многу помалку отколку цената на струјата. Сепак многу компании користат нафта, не само во транспортот туку и во производството, во технолошкиот процес или за загревање на производните погони… Сметам дека ако не дојде до некое поголемо зголемување на цените на нафтата, проблемите од растот на цените на нафтата ќе бидат помали отколку проблемите предизвикани од растот на цените на струјата, со исклучок на транспортните компании – објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).
Димитров објаснува дека растот на цените на енергентите, заедно со проблемите во снабдувањето предизвикани од ковид-19, доведе до раст на речиси сите суровини и материјали, како и на готовите производи на пазарот на стоки за широка потрошувачка.

– Во овој „лов во матно“ некои ќе бидат повеќе ранети, некои помалку, а некои дури и ќе профитираат. Сѐ зависи од тоа колку енергентите учествуваат во производните трошоци на компанијата и дали пазарот ќе ги прифати зголемените цени на нивните производи. Затоа при дизајнирањето на мерките за помош на стопанството, Владата треба да направи добра анализа за тоа кому најмногу му е потребна помош заради зачувување на работните места, но и за зачувување на самите компании. Само така помошта ќе стигне онаму каде што е најнеопходна и ќе ги даде очекуваните ефекти – посочува Димитров.
Бизнис-заедницата укажува дека цените на нафтените деривати се обременети и со давачките кон државата, поради што цените на горивата се далеку повисоки од набавните цени.
– Иако е неспорен факт дека на светско ниво е растот на цените, секој поупатен ќе каже дека нештата и не се баш така црно-бели. Во мај 2020 г., кога поради слабата побарувачка на нафта и запрената економија поради коронавирусот цените на нафтата паднаа на светските берзи (а со тоа и во сите земји), ние во Македонија, како во ниту една друга земја во светот, покачивме акцизи за четири денари. Малопродажната цена на горивата се состои од набавна цена, акциза, надоместоци, ДДВ и маржа. Интересен е фактот дека давачките кон државата сочинуваат дури 46 проценти од цената на чинење! Цените на горивата удираат многукратно по џебот на граѓаните и бизнисот. Директно, за задоволување на сопствените потреби и индиректно преку поскапување на транспорт и производство на сите продукти. Државата и тоа како има простор каде што може да интервенира за зачувување на она што преостана во оваа здравствено-економска и енергетска криза. Ако сака – напиша Александра Андреева, член на Управен одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија на својот фејсбук-профил.