Каде оди сегашноста кога станува минато, а каде е тогаш минатото? Тоа се главните извори на егзистенцијалните, филозофските, па и на поетските проблеми, размислувања, дилеми.
Да не беше социјализмот, Тито… дали ќе бевме јас, ти, ние… Македонија. Такви и слични ставови, левтерни заклучоци, резимеа, често може да се слушнат во кулоарите, коментарите, во маалските и берберските муабети, во дискусиите на семејните веселби, седенки.
Има едно раширено (погрешно) мислење за работи што се случиле во минатото, од типот како минатиот систем нѐ школувал сите, изградил ова, направил она, создал она. Па, така, да не беше социјализмот, дали јас, ти, секој од нас, ќе беше ова што сме или ќе бевме нешто друго, не знам што. Тоа е во извесна смисла ехо од она Замјатиново НИЕ, кое и сега се нуди како дел од одговорноста за еден систем што не успеа да се одржи и да потрае.
Тоа не толку далечно Ние беше основата на концептот што и денес од одредени кругови се поттура како историска нужност во обидот за симнување на одговорноста и оправдување за соучесништво во серија злосторства од видот и жанрот диктатура на пролетаријатот, Голи Оток и редици знајни и незнајни случки од собитиен карактер што беа образложувани и подигнати на степен на историска нужност, институционализирани како свест за оправдани последици, нужност.
А вистината, според мудрите филозофи, е дека историјата на светот е креација на индивидуалниот дух и може да се дешифрира како движење и напредок кон сопствената суштина. Следствено на тоа е дека моќта е во единката во поглед на способноста да најде одговори на прашања што да се направи со својот живот, дали да се одбере овој или оној позив, дали да се надева на спасение на оној свет или не, дали да се венча со оваа или онаа итн. Одговорите на вакви и слични прашања важат сеопшто за природата и за сите луѓе, не нудат одговори за поединецот. Тие се скриени во секој поединец и не се однесуваат на општите карактеристики за човекот или времето во кое егзистира.
Очигледно е дека голем дел од нашата „сегашност“ сѐ уште не е искачен до таков степен на просудување на нештата. Колку само има тука загубено време! И добри намери, залудно пропаднати и пропуштени можности! Но тие гревови ги наследивме од нашите татковци. И кога почнавме да ги порекнуваме, губевме време славејќи ги славните „непосредни акции“ или просто денгубевме. Поради самиот идеализам вкоренет во нашето образование и воспитание бевме мрзливи, непрактични; а доктрината за „општиот човек“, нам ни ја порекнуваше и онаа мера од егоизам што беше потребна за да се издржи во борбата за себе, која ја водевме како утописти, паднати во просташтво, во темница, често и во блато – и тука се валкавме, а понекогаш и задушувавме. Овие вистини еднаш ќе ги признае секој, кога ќе престанеме да лажеме и да се измамуваме.
Социјализмот, како што нѐ учеа (следбениците и денес го тврдат тоа), е најнапреден општествен систем и го има постулатот – секој според способностите, секому според вложениот труд – што, од друга страна, е либерално-капиталистичка доктрина. Огромен респект имам за она што како општествена задача, по Втората светска војна (нашиот втор Илинден), се направи за и во Македонија. Требаше да се прескокнат и надоместат векови на социјален, инфраструктурен и индустриски развој. Но на маргините на тој севкупен гигантски напор постоеја (значајни, а потоа и доминантни) моменти (децении) непотизам (па и деспотизам), идеолошки чистки, неефикасно менаџирање на ресурсите, промашени инвестиции, злоупотреба на идеолошкото практикување на работничките права, персонални (семејни и клановски) злоупотреби. Така, наместо да го освои светот и подобри животот со подобра продуктивност, социјализмот како монистичко државно уредување (кај нас и во светот) ја изгуби довербата на народот, се самораспушти, ја изгуби битката со времето.
Сегашните препукувања околу заслугите за напредокот (или заостанувањето) од бившиот систем се продуктивни за да се реши дилемата – кој го создаде тоа што го имаме, кој го распродаде за бадијала (и како) за да продолжиме понатаму во изградбата на општество за благосостојба на сите. Ако историјата е учителка на животот, тие што нема да ги научат нејзините лекции, ќе ги повторат голготите и страдањата. Историјата ги суди општествените пројави низ дискурсот на објективноста и временската дистанца – луѓето ги судат луѓето. А „такво било времето“ е само уште еден чаршиски муабет во обид да се издигне на ниво на идеолошки концепт за благо да се заокружи, забошоти, заобиколи, една свирепа вистина со последици по генерации и генерации.
„Признавам дека живеев“, ќе испее прославениот нобеловец Пабло Неруда, носител на струшкиот лавров венец, поет што на времето ја благослови и осветли и Македонија со својата поетска аура…. а таа (Македонија) била, беше, е и ќе ја биде со или без Ј.Б. Тито и мислењата и сомнежот на сурија запаленковци и подли и скриени лоши намери и дејства.