Универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова е кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата на претстојните избори, кои се закажани за 21 април. Силјановска викендов беше избрана на партиската конвенција со 408 гласа „за“ од вкупно 519 делегати, освојувајќи ја номинацијата уште во првиот круг на конвенцијата на опозициската партија во Струга.
Силјановска-Давкова во својот говор на конвенцијата порача дека со партијата во неколку наврати ѝ се споиле мислењата, поради што одлучила како независна кандидатка да бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа најави дека ќе формира експертски тим на домашни и странски професори по меѓународно јавно право.
– Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено пред меѓународните судови и институции – најави од Струга, Силјановска-Давкова.
Професорката од УКИМ по уставно право и политички систем се вклучи во претседателската трка откако триесетина професори, академици и интелектуалци упатија повик до пошироката јавност да ја поддржи нејзината кандидатура. Освен Силјановска-Давкова, која е професорка на Правниот факултет, на огласот на партијата се пријавија уште осум кандидати. Меѓу кандидатите беа пратеникот и правник Влатко Ѓорчев, професорот на Природно-математичкиот факултет Никита Шекутковски, машинскиот инженер Ѓорѓи Манасков, фармацевтскиот техничар Васко Костов, професорот во пензија Илија Димовски, поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски, поранешниот градоначалник на Виница и актуелен извршен директор на депонијата „Дрисла“, Горан Ангелов, и докторот по земјоделски науки Сашо Кутлешовски.
Доколку победи на изборите, универзитетската професорка ќе стане првата жена претседател на државата.
Во меѓувреме, од владејачката СДСМ викендов стигна реакција поврзана со конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека станува збор за најобична фарса.
– Антизападниот Христијан Мицкоски сам го одбира својот кандидат или кандидатка – се наведува во соопштението на партијата.
Тоа, како што посочуваат од СДСМ, го потврдуваат и информациите објавени во дел од медиумите блиски до опозицијата според кои на конвенцијата е преполовен бројот на делегатите, кои се избрани лично од Мицкоски.
Во контекст на актуелните случувања, за потсетување е информацијата дека владејачката СДСМ својот кандидат за претседател на Македонија ќе го утврди на партискиот конгрес на трети март.
Од друга страна, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги распиша претседателските избори, во кои првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на петти мај.