Здружението на граѓани „Куќа на среќата“, во соработка со Сојузот на спортови на Град Скопје и хуманитарната организација „Свети Спас“, за првпат во Македонија организира хуманитарна инклузивна штафетна трка – „Заедно до целта!“, в недела, на Школка во Градскиот парк, од 10 до 14 часот.
Настанот е во знак на поддршка на лицата со видлива и невидлива попреченост.
Трката е од хуманитарен карактер и собраните парични средства ќе бидат наменети за подигнување на инклузивната свест и помош и поддршка на семејствата што имаат лице со попреченост и на иницијативата сончогледи кон сонцето за видлива и невидлива попреченост.
– Пријавете се за да учествувате во трката на www.smartrace.club најдоцна до 15 мај 2023 година и покажете ги вашата инклузивност, разбирање, прифаќање и сакање на лицата со попреченост. На трката може да се пешачи, да се трча, да се носи некој во раце… Ќе трчаме, ќе играме, ќе пееме, ќе се запознаеме, ќе се дружиме сите без разлика на тоа дали сме типични или атипични, без разлика дали сме видливи, невидливи, црни и бели, стари, млади… Сите заедно ќе испратиме една јасна порака дека само заедно можеме да стигнеме до целта, да се прифатиме, да се разбираме и сакаме – споделуваат организаторите.
Секој тим мора да биде инклузивен, односно во трката можат да учествуваат тимови составени од шест лица. Тимовите трчаат штафетно и истите тие мора да бидат од две лица типични, две лица атипични (видлива, невидлива попреченост) и две лица асистенти што ќе трчаат заедно со атипичните лица.
Пријавување чини 500 денари од учесник, со маичка од настанот. За лицата со попреченост (видлива, невидлива) учеството е бесплатно.
– Пријавените што нема да можат да ја обезбедат потребната бројка на учесници од шест лица, односно да создадат инклузивен тим што ќе ги вклучува сите лица, ќе бидат вклучени во тим од пријавените од страна на организаторот. Посебно за оваа трка ги охрабруваме лицата со попреченост да се пријават, без разлика на нивната попреченост, дали таа е видлива или невидлива, бидејќи без нив нема да биде остварена целта – споделуваат од „Куќа на среќата“.