Песни што ме тераат да играм

Сликата на банана како архетип на таканаречениот арт-интелектуален експериментален звук се наоѓа на корицата на првиот албум на легендарните „Велвет андерграунд“ и германската пејачка Нико. Издаден е во 1967 г. за „Верве рекордс“. Иако немаше некој комерцијален успех, тој станува исклучително влијателен и влегува во листите на 50 албуми на сите времиња. Корицата на албумот е рачно изработена од лидерот на поп-арт движењето Енди Ворхол и со тоа на самиот албум му дал посебна вредност. Има уште една многу интересна работа за првите изданија на плочата, имено, ако се изгребе (излупи) сликата од бананата се открива нова излупена банана, но во розова боја. Првичните изданија, ако се излупени со потписи од целата група и Енди, достигаат цена од 5.000 долари, но оние поретките изданија каде што бананата е делумно излупена достигаат цена и до 25.000 долари.
Зошто овој албум, освен корицата, е толку значаен во светското музичко наследство? Затоа што за првпат отворено се зборува за табу-темите (проституција, употреба на дрога, промискуитет, садо-мазо…). За тој период звукот е тотално чуден, какофоничен, неврзан звук, кој, пак, во својата основа содржи повеќе стилови: рок, класика, нојс, блуз, џез во својата најавангардна форма. Поради своето револуционерно влијание требаше да сруши рекорди во продажба, но наместо тоа стана најголемиот финансиско промашување во музичката индустрија. Во него се вградени театарската уметност, книжевноста, филмот…

Во првите пет години се продадени само 30.000 примероци, но речиси сите што го купиле си основале свои бендови меѓу кои и Дејвид Боуви. Во тие арт-андерграунд клубови од крајот на 1970-тите и почеток на 1980-тите, кои никнуваа како печурки, се случуваа неверојатни бизарни работи. Во една просторија една група пее, на друга страна некој чита текстови, некоја група расправа за настанокот на уметноста и светот, повеќето под дејство на дрога изведуваат сексуални перверзии. Плочата е составена од 11 нумери и учествуваат многу музичари и продуценти, а Енди Ворхол е нивниот менаџер. Основaта на групата „Велвет андерграунд“ се музичарите/авторите, кои подоцна стануваат исклучително влијателни во своите полиња на дејствување. Џон Кејл (мултиинструменталист), основач, кој ги напушта веќе во 1968 г. и почнува неверојатна кариера, издава околу 20 албуми, продуцира (Нико, Сквиз, Пети Смит…), снима музика за повеќе од дваесет филма. Човекот што ги прошири границите на музиката. Лу Рид (гитара), темниот принц на музиката. Додека сите пееле за љубовта, за невиното држење за раце и трчање по цветните полиња на дождот, Лу пеел за бездомниците и зависноста од хероин. Има издадено доста квалитетни изданија, но ќе остане запаметен по песните „Walk On The Wild Side“ и „Perfect Day“. Исклучително влијателен во секој поглед. Мо Такер, велат дека е една од најквалитетните жени тапанари. Има издадено неколку соло-албуми. Стерлинг Морисон (гитара, понекогаш бас). Тој беше лепакот што ги држеше „Велвет андерграунд“. Да го немаше „Велвет андерграунд“ ќе ги немаше или не во таков облик, ни Дејвид Боуви, „Секс пистолс“, „Соник јут“, „Р.Е.М.“, „Џисус анд Мери Чејн“, „Телевижн“, Пети Смит…

Љупчо Давчев