Кичево е првиот град во земјава во кој по вторпат се одбележа Лазарова сабота, откако лани првпат беше одбележан овој празник. По тој повод во Кичево се одржа празнична поворка во која учествуваа голем број деца со врбови гранчиња во рацете, придружувани од нивните родители и верници од градот. Тие тргнаа од градскиот плоштад, поминаа по главната улица и својот пат го завршија во црковниот храм „Свети Петар и Павле“, каде што од свештенството добија симболични подароци.
– По вторпат годинава во нашиот град ја одбележивме Лазарова сабота.
Децата од нашиот град најпрво се собраа на градскиот плоштад, каде што им беа поделени врбови гранчиња. Пеејќи песни (каланди) поврзани со воскресението на Свети Лазар и со влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим (Цветници), тие ја формираа празничната поворка и поминаа по главната улица, а потоа се упатија во црковниот храм „Свети Петар и Павле“, каде што беа пречекани од свештенството и добија мали подароци како потсетување на овој празник – истакна професорот по богословија Александар Крстаноски.
Тој нагласи дека ваквата практика постои во преданието на црквата и претставува навестување на празникот Цветници и на воскресението Христово, Велигден.
– Децата со гранчињата и песните што се пеат ги симболизираат децата што радосно викале и го прославувале влегувањето на Христос во Ерусалим. Преку воскресението на Лазар, кој се нарекува Четвородневен, бидејќи поминале четири дена откако бил погребан и Христос го воскреснал, се навестува главниот настан Воскресението Христово, Велигден – додаде професорот Крстаноски.

Текст и фото: Зоран Антоски