Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат нашата заедничка иднина, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по завршувањето на Самитот на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во Брисел.
Во изјавата по средбата, Мицкоски нагласи дека очекува Македонија и во овој декемвриски извештаен период да биде н, ајдобра во исполнувањето на целите од Реформската агенда. На средбата, меѓу другото, се разговарало и за дополнување на пакетот средства што е дел од Реформската агенда. Македонија, додаде Мицкоски, останува посветена на реализацијата на проектите предвидени со неа.
– Ние очекуваме да добиеме зголемување од десет проценти на веќе добиените 750 милиони евра, така што посветеноста останува. Ние сме тие што зборуваме дека е доста од билатерализација, доста е од билатерални прашања. Да зборуваме за заслуги, да зборуваме за учинок и ние како Македонија тоа го правиме и тука. Ќе се бориме за она што е наш аргумент, ќе се бориме за македонските граѓани – потенцираше премиерот Мицкоски.
На средбата со европското трио – претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос – како и со лидерите на земјите од Западен Балкан, се разговарало за проширувањето, Реформската агенда, Планот за раст и за претстојните активности.
– Но, исто така, разговаравме за голем дел од реформите и придобивките што ги реализиравме во минатото, како што се СЕПА и „Roam Like at Home“. Практично, она за што денеска зборував е дека, откако ги завршивме техничките преговори со ЕК, следната фаза е целосната функционалност и имплементација на проектот „Roam Like at Home“. Тоа ќе значи дека македонските граѓани, кога ќе користат телекомуникациски услуги во земјите од ЕУ, ќе плаќаат исто како да се дома – рече Мицкоски.
Состанокот продолжува со работна вечера, а утре, како што најави премиерот, тој ќе одговара на пратенички прашања во македонското Собрание.
Претходно, Мицкоски на Фејсбук објави дека на Самитот, преку дијалог, размена на мислења и заедничка дискусија, се отвораат важни прашања за иднината, соработката и заедничките предизвици.
– Ваквите средби се значајна можност за градење доверба, зајакнување на партнерствата и унапредување на меѓународната соработка. Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат нашата заедничка иднина – потенцираше премиерот.
Лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан денеска во Брисел одржуваат Самит посветен на европската перспектива на регионот, забрзувањето на процесот на проширување, спроведувањето на реформите и зајакнувањето на безбедносната и политичката соработка во услови на сложени геополитички околности.
Самитот, деветти по ред, го организираат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а на него учествува и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Како што беше најавено од европските институции, средбата е можност ЕУ повторно да ја потврди својата посветеност на членството на земјите од Западен Балкан, но и да ги повика регионалните партнери да ги забрзаат реформите и да ги исполнат преземените обврски на патот кон Унијата.
Во фокусот на разговорите се и напредокот во постепената интеграција на регионот во европските политики и единствениот пазар, спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан, регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пред Самитот порача дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, нагласувајќи дека пристапувањето на регионот е заедничка амбиција и важна геополитичка инвестиција во актуелните турбулентни времиња, пренесува МИА.































